Најголемата опозициска партија во Косово, Движењето самоопределување (ВВ), им честита на Албанците во Македонија за исходот на вчерашните вонедни парламентарни избори, оценувајќи дека бројката „од 32 до 34 пратеници“ е најдобриот резултат што Албанците го постигнале од осамостојувањето на државата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Партијата предводена од Албин Курти, преку соопштение до јавноста, кое попладнево го пренесоа медиумите во Приштина, си припишува заслуги за „големото учество на Албанците“ на овие избори и за најголемиот број на пратеници Албанци во Собранието во Македонија од нејзиното осамостојување.

– Додека се уште ги чекаме конечните резултати, добрата вест е дека според резултатите кои ги пренесува Државната изборна комисија, во македонското Собрание ќе седат меѓу 32 и 34 пратеници Албанци. Тоа е и своевиен рекорд, затоа што претходната најголема бројка на пратеници Албанци изнесуваше 29. Влијаеше, меѓу другото, и залагањето на Движењето самоопределување, кое го поттикна големото учество на Албанците на овие избори, се вели во соопштението на ВВ.

Партијата која до пред месец и половина беше на власт во Косово, ја повтори намерата, која првично ја објави во јуни годинава, дека наскоро ќе основа сопствен центар, односно ќе се легитимира како политички субјект во Македонија.

– ВВ наскоро ќе отвори свој центар во Македонија. Заедно ќе се залагаме и ќе се организираме, отворени за пријателство со секој искрен пријател, со цел позитивните и прогресивни процеси да се забрзаат, а оние негативните, дискриминирачки и назадни да се запрат. Албанците ќе бидат решавачки елемент за победникот на изборите, но и за формирањето на владата во  Македонија, порача најголемата опозициска партија во Косово, на чие чело е доскорешниот косовски премиер, Албин Курти.