Македонската фудбалска репрезентација претрпе пораз од Шкотска со 2-1 на „Хемпден парк“, во петтото коло од Лигата на нации.
Џон Мекгин беше двоен стрелец за домаќините, вториот погодок го постигна од пенал по интервенција на ВАР, додека Елмин Растодер со својот прв гол во националниот дрес го прекина голгетерскиот пост на Македонија, кој траеше речиси една година.
Шкотите уште во првото полувреме создадоа неколку сериозни можности. Првата закана пристигна во 12. минута, но центаршутот на домаќините беше непрецизен.
Нашата селекција возврати преку Дориев, кој се обиде со удар од работ на шеснаесетникот, но не ја погоди целта.
Во 16. минута Скот Мектоминеј имаше одлична можност за водство, но Столе Димитриевски со извонредна интервенција го спаси својот гол. Македонскиот голман беше сигурен и по ударот со глава на Че Адамс во 27. минута, а во 39. повторно го запре Мектоминеј.
На самиот почеток од второто полувреме Македонија имаше и многу среќа. Во 46. минута Били Гилмор доби идеална топка во непосредна близина на празната мрежа, но од неколку метри шутираше над голот.
Дориев возврати со две закани, најпрво изнуди корнер, а потоа во 51. минута шутираше над голот. Сепак, три минути подоцна Шкотска го отвори резултатот. Муслиу и Елмас не реагираа најдобро по една долга топка, Че Адамс ја искористи ситуацијата и му асистираше на Џон Мекгин, кој излезе сам пред Димитриевски и погоди за 1-0.
Одговорот на Македонија беше брз. Во 57. минута Енис Барди изведе корнер од левата страна, а Елмин Растодер одлично се снајде на првиот дирек и со удар со глава ја испрати топката во мрежата за 1-1. Со тоа беше прекината серијата од 323 дена без погодок на македонската репрезентација.
Клучниот момент се случи во 73. минута, кога по сигнал од ВАР-собата, судијата Михал Оченаш покажа на белата точка по стартот на Столе Димитриевски во шеснаесетникот. Џон Мекгин ја презеде одговорноста и во 74. минута беше прецизен за ново водство на Шкотска од 2-1.
Македонија се обиде да стигне до второ израмнување, а во 85. минута Енис Барди директно од слободен удар го тестираше Ган, кој успеа да го одбрани неговиот удар. До крајот резултатот не се промени, па нашата селекција го напушти Глазгов без бодови.




