Мира Андреева приреди вистинско тениско шоу на завршниот ВТА турнир, откако со неверојатна серија од 11 освоени гемови по ред ја прегази светскиот рекет број два, Арина Сабаленка, и обезбеди пласман во полуфиналето.

Сабаленка одлично го отвори мечот и поведе со 4-1 во првиот сет, оставајќи впечаток дека рутински ќе ја заврши задачата.

Но, тогаш 19-годишната Русинка и актуелна шампионка на Ролан Гарос започна да игра брилијантно и целосно ја искористи сè полошата и понервозна игра на противничката.

„Ќе бидам искрена, чувствувам дека Арина го немаше својот најдобар ден. Не можам да ги преземам сите заслуги за оваа победа. Имав цел пред себе да се посветам и да ги контролирам работите кои можам да ги контролирам“, изјави скромната Андреева.

Андреева одигра неверојатно зрел и интелигентен меч, завршувајќи со 16 винери и само шест неизнудени грешки. Единствениот кризен момент го имаше кога сервираше за првиот сет при 15-30, но одговори со три аса по ред.

Од друга страна, Сабаленка доживеа целосен колапс.

Откако имаше предност од два брејка, Белорусинката освои само уште 10 поени до крајот на мечот, правејќи 23 неизнудени грешки без ниту еден ас. Со овој пораз, Сабаленка ќе мора да игра одлучувачки меч против Елина Свитолина за пласман во полуфиналето.