– Бидејќи решиле да одат докрај, и не ги интересира цензусот, дозволете да пробаат задачата да ја извршат со помош на 80 пратеници, кои ќе ги знаеме по име и презиме, а не со целиот народ како вечен заложник на нивните налудничави одлуки    

Пишува: Блаже Миневски

          Јас го знам мојот народ, и како новинар и како писател, и знам дека тој мој народ нема да излезе и да гласа на 30 септември, нема самиот да донесе одлука за самоукинување. Како писател се што имам објавено е напишано во чест на тој народ, а како новинар речиси нема село или град во нашата Македонија каде не сум разговарал со нaродот што издржал разни тортури и пак останал горд, благороден и храбар. Во моите репортажи има записи за Македонци што биле во затвор, затоа што зборувале на својот мајчин, македонски јазик, но и Македонци што биле на долгогодишна робија само затоа што се Македонци. Вие што ќе излезете да гласате за прекрстување на Република Македонија истовремено ќе гласате и против нив! Претпоставувам оти знаете дека по вашето гласање, за или против, сеедно, Грција треба да ја ратификува Спогодбата од Преспа со 180 пратеници! Верувам дека како идни северномакедонски гласачи знаете дека коалицијата на Ципрас има 144 пратеници во грчкиот парламент. Дали некој ви има кажано што ќе се случи ако изгласате смена на името на Македонија, го смените Уставот, ги известите ОН за тоа, новото име влезе во масовна ерга омнес употреба, а Грција не ја ратификува оваа Спогодба како што не ја  ратификува ни Привремената спогодба? Промената нема да важи?!

Во ОН седат мутави шутраци, па за еден месец повторно со писмо ќе ги известите дека се шегувавте, дека треба да се избрише Северна, а да остане само Македонија! Знаете ли дека со договорот се откажувате од вкупната историја, култура и наследство на Македонија внатре (институционално) и сеопфатно надвор од границите на вашата идна Северна Македонија, во сите области? Кажете ми како ќе соопштите дека Гоце Делчев е северномакедонец, ако е роден во Килкис (како што мора да го нарекувате), а не ќе можете да кажете дека е Македонец!

Или Крсте Мисирков, кој е роден во Пела (како што мора да кажувате), не ќе можете да кажете дека е од Постол, а никако ни дека е северномакедонец. Како ќе кажете – тој е автор на книгата „За македонцките работи“ или „За северномакедонцките работи“? Верувам оти знаете дека во Спогодбата нигде не се признава македонски народ, а дека имаме одредено приватно право на самоопределување (кое сме го искористиле) само  во границите на таа ваша идна Република Северна Македонија.

Македонскиот народ што е надвор од границите на прекрстената татковина не ќе смее да се самоопределува како македонски народ во контекст на  народот со фуснота и географска одредница. А трагедијата да биде поголема сето тоа вие – гласачите „ЗА“, – ќе го потврдите на референдум откажувајќи се од Македонците без додавки, од своите сонародници и роднини кои по разни причини не се во овој момент во најјужната северна република во светот. Македонскиот јазик, кој е признат во ОН како македонски јазик од 1972 година, по вашето гласање во недела треба да биде јазик со ѕвездичка, или јазик-фуснота, а во објаснувањето секаде ќе стои дека станува збор за  јазик од словенско потекло.

Каде има друг македонски јазик во светот, па на овој начин да се прецизира дека нашиот македонскиот јазик е јазик од словенско потекло? Каков друг македонски јазик постои? Може ли да се каже со фуснота дека денешните Грци и грчкиот јазик се од етиопско потекло? Мислам оти знаете дека со Договорот веќе нема македонска нација, туку само граѓанска идентификација со државата северно од Македонија. Како ќе се идентификуваат Македонците кои живеат надвор од Северна Македонија? И во нивните пасоши ли ќе стои дека се државјани на Република Северна Македонија? Претпоставувам знаете дека со ваквата формулација  всушност се кажува дека нема македонска националност, туку северномакедонско државјанство.

Верувам дека знаете што велат грчките политичари, потписници на договорот. Сите до еден тврдат дека не признаваат никаков македонски идентитет па, ако е така, од каде вашиот „хихи-хуху“ лидер влече заклучок дека со Договорот се зајакнувал македонскиот идентитет. Не знам дали знаете дека сите институции во државата кои имаат придавка македонско/а/и мора придавката да ја избришат од својот назив. Како ќе се зацврсти идентитетот кога сите национални институции ќе бидат со променет идентитет, односно нема да бидат македонски институции, туку институции на некаква северно-македонска граѓанска збирштина.

Патем, кој ви дозволи да гласате за укинување на Македонија во име на Гоце Делчев кој вели „друго место за еден Македонец, освен Македонија“ нема! Кој ви дозволи да гласате во име на Никола Карев кој вели „јас сум Македонец“? Кој ви дозволи да гласате за укинување на македонскиот идентитет во име на Даме Груев кој вели „не е далеку часот кога над бојадисана во крв Македонија ќе засвети сонцето на слободата?“ Кој ви дозволи да гласате во име на Јане Сандански кој вели дека „Македонците ќе ја ослободат Македонија без мешање на соседните држави“ и „македонскиот народ е самостоен народ кој има право на самостоен живот?“ Кој ви дозволи да гласате во име на Крсте Петков Мисирков кој вели „има македонска национална култура и историја, и тој факт го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи“ или „свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сè друго на светов“? Кој ви дозволи да гласате во име на Методија Андонов Ченто кој вели „за мене е важно обединувањето на цела Македонија и националните права на Македонците“? Кој ви дозволи да гласате во име на Блаже Конески кој вели „големо ни е името, ќе сакаат да ни го земат?“ Кој ви дозволи да гласате во име на Петре М. Андреевски кој вели „не е срамно ако умреме до еден, но голем срам е ако останеме без нашето име“?

И да не набројувам уште, знам дека многу од ова можеби знаете, мислам не сте толку дунстери, но знам и дека мора да се правите недоветни зошто им верувате на вашите „хихи-хуху“ ментори дека ништо не е така како што изгледа, дека утре ќе тече мед и млеко северно од Јужна Македонија и подалеку. Ако, пак, не знаете –  полошо за вас, затоа што и оние што го распнаа Христос не знаеја што прават, но тоа, ни ден денес, не ги ослободува од вината за неговото распнување. А факт е дека „нема иднина без минато, а минатото е втемелено на нашето име кое сакаат да ни го сменат, и тоа мора да го сфати секој Македонец“.

Во шизофрената атмосфера што ја шират домашни и странски трабанти, сепак, се уште, за среќа, поголемиот дел од народот чинам дека нема да влезе во стапицата што му ја подготвија оние што со векови се обидуваат да го збришат македонскиот народ од мапата на светот. Тој народ е народот што успеа да опстане и покрај сите голготи и искушенија. Всушност, народот не смее да биде алиби на „хихи-хуху“ власта и нејзините аудио-ол/ин-видео инструктори.

Впрочем самиот лидер призна: „Се коцкав ол-ин со интересите на народот, фрлив се на една карта!“ Ако е така, народот мора да препушти обврските од коцкарскиот договор да ги преземе исклучиво тој, односно опскурната личност што се претставува како „хихи-хуху“ политичар! Македонскиот народ не смее врз себе да го преземе товарот на колективната одлука за сопствено укинување. Бидејќи решиле да одат докрај, и не ги интересира цензусот, дозволете да пробаат задачата да ја извршат со помош на 80 пратеници, кои ќе ги знаеме по име и презиме, а не со целиот народ како вечен заложник на нивните налудничави одлуки. Пуштете да видиме како ќе го изведат тоа. Значи, слободно правете си ајвар на 30 септември! Ако ви остане време подгответе и нешто друго, лутеница или малиџано, на пример! Оставете го спомнатиот „хихи-хуху“, оној што се „коцка со интересите на народот“, пеш или со мотор свечено да падне во јамата што самиот си ја ископа!

Во недела македонскиот народ мора да застане пред работ на бездната што може да го претвори во понорница без утока! Македонскиот народ не смее да им даде алиби на оние кои, освен што се откажаа од нашата историја од антиката до денес, со што сакаат да станеме „смачкано племе“ за навек, освен што се откажаа од македонското малцинство во соседните земји и од нашите луѓе во светот, затоа што никој од нив досега не заминал од Северна Македонија и не може да се идентификува со некаква северномакедонска држава, освен што се согласија да ги сменат учебниците и сѐ што е македонско во нив, освен што го понижија својот сопствен народ, сведувајќи нѐ на некаква безлична, модифицирана маса заталкана во лавиринтот на историјата, прифатија да ги поништат и сите национални институции во Република Македонија, сите темели на кои се крепи македонскиот национален идентитет во единствената македонска држава во светот. Спогодбата од Преспа (дополнета со договорот од паркингот) води кон целосно редефинирање на државата со промена на Уставот и на Преамбулата. Македонскиот народ веќе не ќе смее да има ниту една своја македонска институција:

– МНТ станува Театар на Република Северна Македонија а вработените актери, и сите останати во оваа институција, молчеа и молчат како жаби во тиња! Дали тоа значи дека се согласуваат МНТ да не биде Македонски народен театар! Може ли да го прашаат што мисли Ристо Шишков за тоа? Дали знаат дека во Скопје во иднина ќе има Албански национален театар и Турски национален театар а ќе нема Македонски национален театар! Ќе ги кренат ли нозете да им стават потковици или ќе крекнат пред да бидат згазени! Ќе гласаат за МНТ или против МНТ во недела?

– Еден академик на МАНУ, кој ќе гласа за смена на името а потоа ќе прави нов устав или во најмала рака нов кривичен закон на Северна Македонија,  како млада невеста, тивко, во правец на стомакот, изјави дека ќе се обиде МАНУ да остане МАНУ. Па како, бре, кутар академиче ќе остане МАНУ кога во договорот пишува дека се што е државна институција мора да се преименува според новото име? Кого лажете, мрснику! Поискрените академици добро знаат дека МАНУ ќе се прекрсти во АНУ, АНУС или СМАНУ, сеедно!

Можат ли повеќето од нив, со исклучок на десетина што јавно  соопштија дека не се согласуваат со договорот, ако не друго тогаш барем клечејќи под сенилното облаче на минатото да се прашаат што мисли за тоа Михајло Апостолски, првиот нивен претседател, или можеби Блаже Конески, Славко Јаневски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски… Дали може во нивно име да ја прекрстат највисоката научно-уметничка институција на македонскиот народ  и во нивните биографии дополнително да напишат дека се (или биле) членови  на АНУС – Академија на науките и уметностите на Севернамакедонија!

Дали на поголемиот дел од нив не им пречи што единствени во регионот и пошироко, наместо со идентитетска придавка за  национална припадност ќе се идентифукуваат со географска одредница? Може ли уметноста и науката на една нација да бидат сведени на географска придавка, на некаква севернограѓанска институција без национален предзнак?

– МРТ ќе стане СМРТ или РТ на Република Северна Македонија, односно РТРСМ што е смешен акроним за национална телевизија! Може ли некој да замисли ХРТ да се вика РТ на Славонија, Загорје, Далмација и островите (РТСЗМО), или РТС да се прекрсти во РТ на Северно Захумље и Шумадија (РТСЗШ), или пак бугарската  БНТ да се преименува во РТ на Северен Доспат и Казанлак (РТСДК)? Можеби вработените во МРТ се согласуваат со СМРТ па затоа молчат до последен здив, што можеби значи дека се согласуваат со идното понижувачко прекрстување на националната Македонската радио-телевизија?

-Според Договорот од Преспа, кој е ставен на гласање во пакет со крив морков и суво стапче, Институтот за македонска литература ќе се прекрсти во Институт за литература на Република Северна Македонија, а вработените во оваа институција со месеци како свинги седат во своите канцеларии, и молчат. Ќе го отседат ли и денот за гласање? И дали се согласуваат во иднина да немаат ништо заедничко со македонската книжевност како книжевност на македонската нација и на Македонците каде и да живеат? Нема книжевност во светот на која ѝ е забрането да се идентификува со придавка што произлегува од нацијата на која ѝ припаѓа! Како во идната ќе се именуваат антолигиите на македонската проза, поезија, драма и слично? Можеби „Антологија на прозата на Република Северна Македонија“ или „Антологија на северномакедонскиот расказ“! Како во таа книга ќе се објасни присуството на расказ од Ташко Георгиевски, на пример, кој е врвен македонски автор, но нема ништо заедничко со Северна Македонија, ниту тематски ниту по своето место на раѓање! Како во извесна „Антологија на северномакедонскиот есеј“ ќе се сместат есеите на Крсте Петков Мисирков, Стојан Христов, Димитар Влахов, Антон Попов…?

– Дали музичарите од Македонската филхармонија знаат дека  веднаш по стапувањето на сила на Договорот за кој се гласа во недела, македонската филхармонија станува Филхармонија на Република Северна Македонија? Можеби се тешат дека сепак ќе бидат Северномакедонска филхармонија со акроним СФ што асоцира на  SF ( science fiction)! Бидејќи молчеа и молчат веројатно се согласуваат!

– Македонската опера и балет мора да стане Опера и Балет на РСМ, односно Опера и Балет на Република Северна Македонија, или ОБРСМ. Вработените го премолчаа целиот инжинеринг на прекрстување како тажните врби во реката пред нив. Патем додуша повремено се слуша дека ги лажат оти над сегашниот бронзен назив „Македонска опера и балет“ ќе се допишело со ситни букви Република Северна Македонија, и тоа ќе било доволно да ги одоброволат Грците кои ќе патролираат по нашите улици за да видат како се реализира договореното. Можеби за побрз увид во состојбите ќе имаат моторизирана помош од лидерската кацига во која би требало да има глава!

– Фактот што ДПМ одмолча докрај како да е Друштво на Придворни Мутлаци а не Друштво на Писатели на Македонија, бездруго значи дека се согласуваат да бидат Друштво на писатели на Република Северна Македонија – ДПРСМ! Можеби Управата е нова и збунета, но тоа не значи дека не ја знаат изреката за глупавиот и збунетиот! А по таква работа – нема каење! Молчејќи се согласуваат да бидат Друштво на некаква Северна Македонија а тоа значи дека немаат никакви допирни точки со македонската книжевност во целина туку само со книжевноста на Република Северна Македонија! Кој од македонските писатели би сакал да биде член на ДПСР?    

– Во овој контекст треба да се знае дека ништо што ќе ја содржи  придавката македонски/македонско/македонска не смее да биде публикувано и пласирано на пазарот, ако е финансирано од државата: не смее да има „Македонска енциклопедија“, не смее да се објави книга со наслов „Македонски роман“, „Македонски расказ“, „Македонска поезија“, „Македонска народна книжевност“, „Македонски народни балади“, „Македонска антологија на краткиот расказ“, „Македонска лирика“, „Македонска библиографија“… а ќе има северномакедонска историја, северномакедонски фолклор и северномакедонска литература.Ќе се сменат и имињата сосе документите, рекламните паноа и натписите на повеќе од 4000  државни, јавни и приватни институции, здруженија и компании.

А власта и пропагандните мушички, заедно со разни други  химери и опсени, упорно тврдат дека „договорот го гарантира и го зајакнува македонскиот идентитет и никој повеќе нема да го оспорува или негира. македонски јазик, Македонци, македонски, Македонец, Македонка, обезбедено еднаш засекогаш.“

Лажат!

Во договорот не пишува така!

Во договорот што ќе го поддржат оние што ќе гласаат стои само дека  со него нашиот народ обезбедува иднината на сопствено непостоење!

Во недела се бира меѓу генетски модифициран морков и ајвар од домашни пиперки!

Јас сум за ајвар!

   Блаже Миневски  е автор на романите „Јас, Тито и Мики Маус“,  „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“, „Свирци“, „Црна лисица“, „Мемоарите на една млечка“ и „Нишан“. За романот „Нишан“ ги има добиено наградите „Стале Попов“, „Роман на годината“ и наградата на Град Скопје – „13-ти Ноември“, а за романот „Свирци“ – наградата „Прозни мајстори“ на фондацијата Македонија презент. Миневски ја има добиено и наградата „Најчитан автор“, признание што го доделува Националната библиотека „Свети Климент Охридски“ од Скопје.

            Освен романи Миневски досега има објавено и неколку книги раскази, меѓу кои се  „Пристапната беседа на академик Сисое“, „Во рогот на волот“ и „Сезона на глуварките“, за која го доби престижното „Рациново признание“.               Романите на Миневски досега се преведени на англиски, полски, италијански, српски, кинески, бугарски, арапски, словенечки и ерменски јазик.

           Блаже Миневски е застапен  во сите антологии на македонската кратка проза објавени последните три децении, а негови раскази се преведени на дваесетина  странски јазици.