Блаже Миневски е авторот на најдобриот расказ – „Потфрлување на топката“ , од конкурсот по повод „Вечери на Живко Чинго“.

Блаже Миневски е автор и на романите „Јас, Тито и Мики Маус“,  „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“, „Свирци“, „Црна  лисица“, „Мемоарите на една млечка“, „Љубовникот на Ленин“ и „Нишан“. За романот „Нишан“ ја доби наградата “Стале Попов“, “Роман на годината“ и наградата на Град Скопје – „13-ти Ноември“, а за романот „Свирци“ – наградата „Прозни мајстори“ на фондацијата Македонија презент. Миневски ја има добиено и наградата „Најчитан автор“, признание што го доделува Националната библиотека „Свети Климент Охридски“ од Скопје. Освен седумте романи, Миневски има објавено и неколку книги раскази, меѓу кои „Пристапната беседа на академик Сисое“, „Во рогот на волот“ и „Сезона на глуварките“, за која го доби престижното  „Рациново признание“.

Романите „Јас, Тито и Мики Маус“ и „Нишан“ се преведени и објавени на српски јазик во Белград, а романите „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“ и „Мемоарите на една млечка“ се  преведени и објавени на бугарски јазик во Софија. Романот „Нишан“ е преведен и објавен на англиски, ерменски, словенечки, арапски, кинески, полски и италијански јазик.

Блаже Миневски е застапен е во сите антологии на македонската кратка проза објавени последните дваесетина година, а негови раскази се преведени на дваесетина странски јазици.