Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека целта на Владимир Путин е да го избрише идентитетот на Украина како независна, суверена нација и да го апсорбира во Русија.
„Оваа војна е напад не само врз Украина, туку и врз меѓународниот поредок заснован на правила што се обидуваат да го одбранат меѓународниот мир и стабилност и да поддржат, според Повелбата на Обединетите нации, „еднакви права на мажите и жените и големи и мали народи“, посочи Блинкен на виртуелна панел сесија на тема „Праведен и траен мир во Украина“, пред утрешното отворање на вториот Самит за демократија
Тој потсети дека жртви на руската агресија не се само Украинците, туку и луѓе ширум светот, се вели во соопштението на Стејт департментот.
„За мирот да биде праведен, тој мора да ги поддржува принципите во срцето на Повелбата на ОН – суверенитет, територијален интегритет, независност. А за мирот да биде траен, мора да обезбеди дека Русија не може да се одмори и да ги оспособи своите трупи, а потоа повторно да покрене војна во времето кое за неа е поповолно“, рече американскиот државен секретар и додаде дека не се работи само за иднината на Украина, туку и за иднината на меѓународниот поредок.
Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба изјави дека Русија има за цел да го уништи светскиот поредок врз основа на меѓународното право и Повелбата на ОН.
„Украинскиот народ ќе прифати мир само доколку гарантира целосен прекин на руската агресија, целосно повлекување на руските трупи од украинска територија и обновување на територијалниот интегритет на нашата земја во меѓународно признатите граници“, рече украинскиот министер, истакнувајќи дека мировниот план беше признат и одобрен од Генералното собрание на Обединетите нации.
Како што додаде, Русија прибегнува кон нуклеарни уцени и закани, како и закани за еколошката и енергетската стабилност и безбедноста на храната, а агресијата е проследена со грозоморни злосторства, при што се верува дека во Мариупол биле убиени десетици илјади цивили.