Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами денеска ќе го посетат Киев, каде ќе се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски и други официјални лица.
Блинкен рече дека ќе разговара за воените цели на Киев и начините на кои Вашингтон може да помогне.
„Мислам дека ова е клучен момент за Украина во средината на сезоната на интензивни есенски борби со Русија, која продолжува да ја ескалира својата агресија“, рече Блинкен во Лондон на прес-конференција со Лами.
Тој исто така изјави дека Иран и доставил балистички ракети на Русија и дека се очекува тие наскоро да бидат употребени на бојното поле во Украина, предупредувајќи дека соработката меѓу Техеран и Москва ја загрозува европската безбедност.
Блинкен не кажа дали Вашингтон ќе му одобри на Киев да користи американско оружје со долг дострел за напади на територијата на Руската Федерација, но рече дека кога станува збор за ова се разгледуваат неколку фактори.
„Не е само системот на (оружје). Мора да се запрашате, дали Украинците можат ефикасно да го користат, а понекогаш тоа бара значителна обука, што ние и го направивме. Дали тие имаат способност да го одржуваат?“, рече тој.
Зеленски подолго време апелира до западните сојузници да одобрат употреба на нивното оружје на руска територија и ги повикува побрзо да испорачуваат оружје со долг дострел. Русија ги засили воздушните напади врз Украина во последните недели, а Киев лансираше стотици беспилотни летала со долг дострел длабоко на руска територија.
Фото: ЕПА