Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера изјави дека следната недела ќе свика виртуелен состанок на министрите за надворешни работи од целиот свет за да разговараат за пандемијата на Ковид-19, ветувајќи дека една од темите ќе биде глобалната нееднаквост во достапноста на вакцините.
-И покрај напредокот во глобалното вакцинирање, не стигнавме до таму каде што требаше да бидеме, рече Блинкен, најавувајќи дека средбата ќе се одржи на 10 ноември.
Тоа е продолжение на виртуелниот самит на светските лидери свикан на 22 септември од американскиот претседател Џо Бајден. Тој тогаш вети дека ќе купи уште 500 милиони дози вакцина за да ги донира во другите земји.
САД, кои пред почетокот на зимата, на своето население веќе му даваат трета, дополнителна, доза на вакцината против Ковид-19, се наоѓаат под притисок позасилено да ја споделуваат вакцината со остатокот од светот.
-Ќе зборуваме за тоа да ја забрзаме правичноста во пристапот до вакцината, рече Блинкен.