Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигна во Астана, каде што ќе се сретне со министрите за надворешни работи на Казахстан, Киргистан, Узбекистан, Туркменистан и Таџикистан во формат Ц5+1 и ќе пренесе дека САД се „сигурен партнер“ на земјите од Централна Азија.
Блинкен ќе им пренесе на министрите за надворешни работи на земјите од Централна Азија дека Вашингтон ги разбира нивните економски проблеми, предизвикани од руско-украинскиот конфликт, пренесува Ројтерс.
Токј на состанок му рекол на казахстанскиот министер за надворешни работи Муктар Тилеуберди дека САД го поддржуваат суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на неговата земја.
„Понекогаш само ги кажуваме овие зборови, но тие имаат вистинско значење“, истакна Блинкен, додавајќи дека зборовите „во овој момент“ имаат уште поголема важност од вообичаеното.
Американскиот државен секретар ќе разговара и со претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев.
Американскиот помошник државен секретар за Јужна и Централна Азија, Доналд Лу соопшти дека САД ги гледаат економските проблеми на овој регион и сакаат да помогнат, пишува „Астана Тајмс“.
По Астана, Блинкен патува за Ташкент, каде ќе се сретне со претседателот на Узбекистан, Шавкат Мирзијоев.