Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на вчерашната средба во Киев не донесоа никакви одлуки за употреба на американско оружје за удари длабоко во руска територија, јави американската телевизија Еј-Би-Си Њуз, повикувајќи се на советник на украинскиот претседател.
Зеленски и Блинкен разговарале за укинување на забраната за напади длабоко на руска територија и за снабдување со оружје, наведе советникот на Зеленски, запознаен со темата на состанокот.
-Зеленски му дал на Блинкен детален план за тоа како Украина може да ги искористи ракетите со долг дострел за да ја нападне Русија и му дал список на можни цели, рече анонимниот советник, додавајќи дека, меѓутоа, „за ова прашање не се донесени никакви одлуки“.
Киев долго време бара дозвола од САД да напаѓа воени цели во рамки на руските граници.
Ихор Черниев, член на Врховната рада на Украина и шеф на делегацијата на неговата земја во Парламентарното собрание на НАТО, изјави за ЕЈ-Би-Си Њуз дека Украинците се надеваат на дозвола од САД да го користат воениот тактички ракетен систем АТАКМС за да ја нападнат Русија. Со најдолгиот досег на ова оружје може да се погодат цели на растојание од околу 460 киломери.
-Ова ќе ги инспирира Украинците и нашата армија, рече Черниев.
Руските аеродроми и воени складишта ќе бидат на врвот на листа на цели определана од Киев, доколку навистина се укинат американските ограничувања за користење на АТАКМС, додаде тој.
фото:МИА архива