Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен денеска пристигна во Киев во прва посета на висок американски функционер на Украина откако Конгресот го одобри долго одложуваниот пакет воена помош од 61 милијарда долари за земјата минатиот месец.
Посетата има за цел да ја покаже солидарноста на САД со Украина додека таа се бори со тешките руски бомбардирања на нејзината североисточна граница.
-Блинкен, кој пристигна во Киев со воз рано утрово, се надева дека ќе „испрати силен смирувачки сигнал до Украинците кои се во многу тешко време. Секретарот ќе разговара за тоа како нашата дополнителна помош ќе помогне да се зајакне нивната одбрана и да им се овозможи да преземат иницијатива на бојното поле, рече американски функционер кој сакаше да остане анонимен за посетата на Блинкен.
Блинкен ќе се обиде да ги увери украинските официјални лица, вклучително и претседателот Володимир Зеленски, за континуираната американска поддршка и ќе одржи говор фокусиран на иднината на Украина, рече претставникот. Тоа е негова четврта посета на Киев од почетокот на војната меѓу Русија и Украина.