Американскиот претседател Доналд Трамп го прифати барањата на спикерот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и се согласи говорот за состојбата на нацијата пред Конгресот, да го одржи по решавањето на буџетската криза и деблокадата на федералната влада.
– Ќе се обратам кога ќе заврши блокадата. Не барам алтернативно место за говорот за состојбата на Унијата, затоа што не постои место кое би можело да се спореди со историјата, традицијата и важноста на Претставничкиот дом, објави Трамп на Твитер, додавајќи дека „се радувам на одлично обраќање пред нацијата во блиска иднина“.
Како што јави МИА од Вашингтон, Трамп претходно тврдеше дека ќе понуди алтернативен настан и место за говорот и беше цврст во ставот обраќањето да се одржи на 29 јануари.
Конфронтацијата помеѓу Пелоси и Трамп траеше речиси две недели. Трамп беше цврсто решен во својата намера говорот да го одржи на 29 јануари, но Пелоси вчера повтори дека ќе го оневозможи во тоа.
Пелоси изјави дека се додека не биде деблокирана Владата, конгресмените нема да ја разгледуваат формалната резолуција, истовремено поднесена до Сенатот и до Претставничкиот дом, која би му овозможила на претседателот обраќањето „за состојбата на Унијата“ да го одржи во холот на Конгресот, .
Околу четвртина од вработените во федералната Влада на САД или повеќе од 800 илјади државни службеници се на принуден одмор или работат без плата од 22 декември 2018 година. Конфонтацијата помеѓу републиканците и демократите е главно заснована на тоа каква имигрантска политика треба да има во САД и каква треба да биде безбедноста на јужната граница.
Трамп не става потпис на Буџетот за финансирање на државните институции се додека не се воспостават поцврсти погранични мерки и не му се одобрат срадства за изградба на ѕид на границата со Мексико.
Демократите во Конгресот не одобруваат такви средства се додека не заврши делумната блокада на федералната Влада и бараат преговори за воспоставување на безбедносни граници „кои ќе се носат со заканите и потребите на 21 век, а не изградба на средновековни ѕидови“.