Германскиот министер за Европа и претседавач со денешниот министерски состанок на ЕУ, Михаил Рот, по денешната блокада за преговарачката рамнка за земјава од страна на Бугарија порача дека ЕУ не се откажува да помогне да се надмине спорот помеѓу Скопје и Софија и до крајот на оваа година да се усвои преговарачката рамка, јави дописничката на МИА од Брисел.
По осумчасовен состанок, главно посветен на буџетот на ЕУ, министрите очекувано не успеаја да ја надминат бугарската блокада за преговорите со Македонија, потврди вечерва Рот. – Бугарија се осврна на една точка која ја смета за важна, рече Рот.
– Минатата недела претседателството се обиде да ги приближи позициите, но не успеавме да ги убедиме да се согласат со преговарачката рамка. Во наредните денови или недели сигурно ќе се обидеме да го испратиме овој важен сигнал до Западниот Балкан, тоа ќе зависи од волјата на двете страни да се усогласат, не е се само во наши раце, рече Рот.
Тој изрази задоволство што Бугарија и Македонија продолжуваат да разговараат.
Запрашан што е точно „каменот на сопнување“ за Софија, германскиот министер потврди дека се работи за кратката форма на името (Северна Македонија) и референцата за македонскиот јазик. Покрај ова, рече тој, има и други билатерални прашања.
– Преговарачката рамка го одразува Преспанскиот договор и важни елементи од Договорот за пријателство, сега има отворени прашања од Бугарија, гледишта што треба да се разјаснат, неопходно е да имаме јаснотија на ниво на ЕУ, треба да се исцртаат некои линии, затоа што рамката треба да биде прифатена и од 27-те земји членки и од земјата што преговара, објасни Михаил Рот.
Тој понатаму одби да прејудицира што ќе се случува наредните недели, но потенцира дека до крајот на германското претседателство, односно до 31 декември, има уште време.
– Сега е средина на ноември, годината завршува на 31 декември и сите сакаме да имаме пријатен Божик така што ќе треба да се разјаснат некои работи, рече Рот, повикувајќи ги двете страни на храброст и добра волја како нешто што им е потребно и на ЕУ и на Западниот Балкан.
За Германија како претседавач, рече министерот Рот, е важно да се биде од помош во потрагата по разумно решение.
– Сакаме да го расчистиме патот што е можно повеќе, за да се одржи првата Меѓувладина конференција, рече Рот.
Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, исто така потврди дека ЕУ не се откажува од решение до крајот на оваа година.
– Чувствуваме дека сме во последната линија за двете преговарачки рамки (со Албанија и Северна Македонија – н.з.) и ставање на процесите на цврста база, важно е да се удвојат напорите за решавање на споровите и да се изнајде договор за преговарачките рамки, сакаме одржување на првата Меѓувладина конференција што е можно побргу, рече Шефчович.
Што се однесува до Албанија, Рот истакна дека остануваат два клучни услови за усвојување на рамката со оваа земја, а тоа е изборниот законик и екипирање на Врховниот суд, кој се најде испразнет од судии по процесот на ветинг.
– Албанија е мала земја, и ќе треба време, и во поларизирана земја како Албанија има политички конфликти, тешко се постигнува консензус, рече Рот. истакнувајќи ја потребата за повеќе судски процеси, обвинители и пресуди.
Во изминативе децении, сведоци сме на фрази од типот „да го смениме Уставот одиме во ЕУ“, „да го смениме името на државата и одиме во ЕУ“… И сменивме и знаме, и Устав, и име на Република Македонија, историја… И се уште тоа не е доволно. Има една народна која вели „и оро да заиграш – џабе ти е“!