Во текот на ноќта во северниот дел од Косово немаше инциденти, но тој дел е и понатаму блокиран, од граѓани од српска националност и од страна на полицијата на Косово. Иако на блокадите е мирно тензиите се високи, јавија српските и косовските медиуми.
Премините Јариње и Брњак на северот на Косово се уште се затворени за пешаци и сообраќај, а единствениот начин за премин е преку Мердаре.
Од Јариње до Звечан има неколку барикади, а најмногу луѓе има на барикадата кај Рударе, каде сообраќајот од Звечан кон Приштина е целосно блокиран.
Како што е најавено, училиштата на север во Косово денеска нема да работат.
Блокади има и на патниот правец Митровица – Зубин Поток, кон точката Брњак.
Она што беше споменато во текот на вчерашниот ден, дека припадниците на косовските полициски сили насилно ќе ги тргнат барикадите, не се случи.
Ден откако Србите на северот на Косово ги блокираа патиштата, а властите во Приштина и претставниците на Европската унија и САД побараа отстранување на барикадите, претседателот на Србија Александар Вучиќ ги повика Србите да не „паѓаат на провокации“ и да не да ги напаѓаат ЕУЛЕКС и КФОР.
По синоќешната седница на Советот за национална безбедност, Вучиќ за РТС изјави дека „на терен се води тешка борба за опстанок на еден народ во неговите огништа, каде што косовската полиција нема право да биде на север, освен во согласност со бриселскиот договор“.
Групи Срби во саботата ги блокираа патиштата во Звечан, Лепосавиќ и Зубин поток, откако на преминот Јариње беше уапсен Дејан Пантиќ, еден од поранешните припадници на косовската полиција од северот на Косово.
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека барикадите од северот на Косово треба веднаш да се отстранат и дека косовските власти се во постојан контакт со НАТО и мисијата КФОР, како и дека работат на „брзо и мирно решавање на ситуацијата”.
Американските власти изразија длабока загриженост за актуелната ситуација на северот на Косово и повикаа на максимална воздржаност и активности за намалување на тензиите.
„САД изразуваат длабока загриженост за моменталната ситуација на северот на Косово. Ги повикуваме сите да покажат максимална воздржаност, да преземат итна акција со цел да се постигне деескалација на ситуацијата и да се воздржат од провокативни дејства“, соопштија синоќа амбасадите во Белград и Приштина.
Амбасадите ги повикаа страните да работат во рамките на Дијалогот предводен од Европската унија .
„Разбираме дека косовските власти приведоа лице осомничено за вмешаност во насилен напад врз косовските органи за спроведување на законот и изборната комисија. Тоа апсење се користи како оправдување за нелегални блокади на патиштата, како и за закани и заплашување на косовските власти и локалното население “. Амбасадите додаваат дека оние „кои подигнаа незаконски блокади треба веднаш да ги отстранат“.
Поради тензиите, претседателката Вјоса Османи ги одложи локалните избори во четири општини закажани за 18 декември, за април 2023 година.
Полицијата во Косово соопшти дека го уапсила Пантиќ на граничниот премин Јариње, под сомнение дека е вмешан во „извршување терористички акт и напад врз уставниот поредок“, за наводно организирање напад на канцелариите на Централната изборна комисија и на функционери на ЦИК, како и на припадници на полицијата.
Косовската полиција соопшти дека имало пукање во саботата вечерта, а како што соопштија, лицата кои ги блокирале патиштата „трипати пукале во полициските единици кај езерото Газиводе“, од „различни локации“, а полицијата „била принудена сама да одговори -одбрана“.
Подоцна истата вечер, шок бомба беше фрлена врз патрола на ЕУЛЕКС во близина на селото рударе, објави мисијата ЕУЛЕКС на Косово.