Актуелниот потпретседател на СДСМ, Стефан Богоев ја демантира веста дека ја напуштил седницата на Извршниот одбор на СДСМ на која се дефинираа пратеничките листи за претстојните парламентарни избори. Тој истакнува дека бил на и на седниците на Извршен и на Централен одбор „од почеток до крај“ и вели: „гласав за листите иако не сум на нив“.

„Ова не е точно воопшто! Јас сум бил во СДСМ против режимот на ДПМНЕ кога беше најтешко, тука сум и сега, ќе останам и во иднина!“ – вели Богоев во објавата на Фејсбук.

Претходно во медиумите се појави вест дека седницата на Извршниот одбор на СДСМ ја напуштиле и Оливер Спасовски и Дарко Каевски, незадоволни од предлог листите на партијата за претстојните избори. Каевски потоа демантираше дека ја напуштил седницата, а Спасовски сè уште не се огласил ни со потврда, ни со демант.