На 19-ти јануари според новиот, а на 6 јануари по стариот, односно Јулијанскиот календар, Православната Црква го слави големиот христијански празник Богојавление- Водици. Тој ден православните христијани се поздравуваат со  древниот поздрав „Бог се јави – Навистина се јави“.

– Богојавление е спомен ден на сите објавувања Божји, но, спомен ден и на врвното Божјо себеоткривање кое се случи во моментот на крштевањето, односно потопувањето на Христос, Месијата во водите на реката Јордан. За човекот е неможно да го разбере постоењето Божјо, да разбере кој е оној кој вечно постои, кој е оној кој е Творец на сѐ што постои – во сите димензии на постоењето. За човекот тоа е неможно затоа што самиот тој е создадено битие кое е врамено во времето и просторот. А особено, можноста да го разбереме постоењето на Вечниот за нас луѓето стана невозможна откога отпаднавме од Него, откога се инфициравме со злото, откога нашите спознајни органи( умот, срцето, вољата, интуицијата) се извалкаа со егоизам, завидливост, гордост, подлост, лажливост, суета. Откога сатаната (отпаднатиот ангел) ни проектира лажни претстави за тоа кој и каков е Бог и не заведува со разни негови измамни пројави, со кои збунетите и огревовени луѓе ги наведува да веруваат дека се Божји, вели презвитер Ивица Тодоров, свештенослужител во МПЦ- ОА.

Трите личности на единствениот Бог се објавуваат во моментот кога Синот Божји,  како очекуваниот Месија, од страна на пророкот и крстителот Јован бил потопен во водите на реката Јордан.

– Духот Свет во вид на гулаб, во вид на симболот на помирувањето, застана над главата на Месијата за да го засведочи. А Отецот Небесен, со глас од надпросторините и надвремените димензии, засведочи: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја!”. Бог, Вечнопостоечкиот Отец небесен, ни ја откри својата спасителна воља во личноста на својот Син кој стана човек, кој стана Месија, Спасител и Учител на целото човештво. Бог, Вечнопостоечкиот Отец небесен, ни го испрати и својот Дух Свети да нѐ води по Патот на спасението, да не утешува, осилува, исполнува, дарува, осветува, овечнува. Бог му се објави на човекот, на човештвото, на отпаднатите чеда на прататкото Адам! И сега останува чедата на отпаднатиот Адама да станат ученици на новиот Адам, на Месијата – за на тој начин повторно да станат синови и ќерки на Вечниот Отец, за на тој начин повторно да се вратат во својата вистинска Татковина, во Царството Божјо!, објаснува отец Ивица.

„Јас ве крштавам со вода за покајание, а Тој ќе ве крсти со Светиот Дух“

 По враќањето од Египет, Господ Исус Христос до својата триесетта година  живеел во Назарет со неговата мајка, Дева Марија и Јосиф, кој луѓето го сметале за негов татко. Криејќи ја моќта на својата божественост, Исус живеел од трудот на своите раце. Кога Исус Христос наполнил триесет години од неговото телесно раѓање, тој ја започнува својата учителска и искупителна мисија.

Во тоа време, Јован, синот на првосвештеникот Захарија и Елисавета, кој бил шест месеци постар од Исус, Бог го упатил во пустината во близина на реката Јордан. Во пустината, Јован, облечен во облека од камилски влакна и опашан со кожен појас, живеел аскетски живот. Тој се хранел со див мед и со суви, пустински растенија. Според заповедта на Господа, тој проповедал: „Покајте се!”, викал гласно, „Се приближува Царството небесно! Подготевете го патот на Господа! Израмнете му ги патеките!”

Во гласот на овој пророк Божји, многу луѓе го препознале гласот на Господа. Се покајале за кршење на Божјите закони, и дошле кај Јован за да ги крсти во реката Јордан. Тогаш тој говорел: „Јас само му го подготвувам патот на Оној кој доаѓа по мене, и кој е многу поголем од мене: јас не сум достоен да му ги одврзам ниту ременчињата на обувките Негови. Јас ве крштавам со вода за покајание, а Тој ќе ве крсти со Светиот Дух. Тој е Христос, помазаниот Божји кого што го очекуваме. “

Еден ден Господ Исус Христос дошол од Галилеја на Јордан кај Јован за да го крсти. Додека Исус му приоѓал, Јован им објавил на своите ученици и на насобраниот народ: „Еве го Јагнето Божјо, кое ги зема гревовите на светот!” Јован бил збунет. Тој знаел дека пред него е самиот Син Божји. Тогаш му рекол: „Ти треба мене да ме крштеваш, а Ти дојде кај мене.” На што Господ му одговорил: „ Остави сега, бидејќи така треба за да се исполни секоја правда. “

 И Јован го кршевал. Исус излегол од водата и се отворило небото, и го видел Духот Божји како слегува како гулаб и се спушта над Него. И чул глас од небото: „ Ова е мојот сакан син, кој е по мојата волја”.

Тогаш на светот и сите човечки генерации им е откриена тајната на Светата Троица- Бог Отец му зборувал на Синот од небото, Богот Син се крштевал во реката Јордан, а Богот Свети Дух се симнал на главата на Синот Божји во вид на гулаб. Затоа, денешниот празник се нарекува  Богојавление.

За чудесното Богојавление сведочел и самиот Јован Крстител: Го видов Духот како слегува како гулаб од небото, и тој остана над Него. И јас не знаев, но Оној кој ме испрати да крштавам со вода, ми рече: На кого ќе видиш дека слегува Духот и останува на него, тоа е тој кој крштава со Светиот Дух. И го видов и сведочев дека тој е Синот Божји.

Понекогаш овој празник се нарекува просветлување, зашто Господ Исус Христос, преку Неговото крштевање во реката Јордан се осветил, ја осветил водата не само во оваа река, туку целата вода, па и целата материја, сето Божјото создание.
 
Крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството

Според Јован Дамаскин Христос се крсти за да ги уништи главите на демоните во водата, бидејќи постоело сфаќање дека демоните живеат во водата; за да го измие гревот и да го погреба целокупниот стар Адам во водата, за да го освети Крстителот затоа што не го освети Претечата Христа туку Христос го освети Претечата, кога последниов ја стави својата рака врз Христовата глава; за да го исполни законот; затоа што Он Самиот го даде и не требаше да испадне негов престапник, за да ја открие тајната на Света Троица, бидејќи во тој час имаме јавување на Света Троица; за да стане образец на нашето крштение коешто е совршено крштение и се врши со вода и Дух Свети.“

Празникот Водици (Богојавление) народот го празнува како еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето Свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата.