Од Соборниот храм Св. „Климент Охридски“, во однос на редоследот на богослужби во страсната и светлата седмица за Воскресението Христово – Велигден, за МИА информираа дека во сабота во 23:00 часот започнува Полуноќницата. По опходот околу Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ и објавата на Христото воскресение, продолжува Утрената и Света Златоустова литургија.
На 21 април – Велики четврток, од 9:00 часот ќе се одржи литургија на свети Василиј Велики со Вечерна. Негово Блаженство г.г. Стефан ќе богослужи во храмот „Свети вмч. Димитриј”. По светата литургија ќе се изврши Света тајна Елеосвештение во сите храмови. Од 18:00 часот ќе се одржи читање на 12-те евангелија за Христовите страданија. Поглаварот на МПЦ-ОА ќе богослужи во Архиепископскиот соборен храм „Свети Климент Охридски” – Скопје.
На 22 април, на Велики петок во 8:30 часот ќе се одржат Царски часови со Велика вечерна. Околу 10:00 часот ќе се одржи изнесување на светата плаштаница. Г.г Стефан ќе богослужи во храмот „Света Петка” во Црниче. Во 18:00 часот – Оплакување на Спасителот Господ Исус Христос. Неговото блаженство ќе богослужи во Архиепископскиот соборен храм „Свети Климент Охридски”- Скопје.
На 23 април, на Велика сабота, во 9:00 часот ќе се одржи Света Василиева литургија со Вечерна. Г.г. Стефан ќе богослужи во храмот „Свети Наум Охридски” во Радишани. Во 23:00 часот – Полуноќница. По опходот околу Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ и објавата на Христото воскресение, продолжува Утрената и Света Златоустова литургија.
На 24 април, на Воскрсението Христово – Велигден, во 9:00 часот архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан ќе богослужи Воскресна литургија во Соборниот храм „Свети Климент Охридски”- Скопје. Во 11:00 часот ќе се слави Второ Воскресение, со читање на Евангелието на повеќе јазици – Едноцрквие во Соборниот храм „Свети Климент Охридски” – Скопје.
Во текот на Светлата седмица, на 25 април, на вториот ден од Христовото Воскресение, во 9:00 часот г.г. Стефан ќе богослужи во храмот „Рождество на Пресвета Богородица” во Центар.
На 26 април – Воскресение Христово, трет ден, во 9:00 часот поглаварот на МПЦ-ОА ќе богослужи во храмот „Света Петка” во Црниче, а на 29 април на Свети мач-ки Аганија, Ирина и Хионија, Источен петок (Балаклија) во 9:00 часот ќе богослужи во храмот „Свети Јован Крстител” во Капиштец.