Македонците со исламска вероисповед се важен дел од македонската нација, кои живеат во Македонија, но и во многу други држави, вели Исмаил Бојда во интервјуто во за Нова Македонија.
– Потребни се суштествени реформи и политики, што ќе ја издигнат државата повисоко рамниште во врска со третманот на Македонците со исламска вероисповед. Четириесет години работиме на интеграција на Македонците од муслиманска вероисповед, но има огромен ѕид меѓу Македонците-христијани и Македонците-муслимани. Треба да се работи здраво, за да се премости тој ѕид. Поради погрешните политики на македонската држава, особено со потпишувањето на Преспанскиот договор и договорот со Бугарија уште повеќе се раздроби македонското национално ткиво… Суштинска е потребата од сплотување на Македонците, без разлика на нивната религија, или место на живеење, нагласува Бојда во интервјуто за Нова Македонија.
Тој е еден од истакнатите македонски застапници на национални и културни вредности на Македонците со исламска вероисповед во Македонија, Косово, Албанија и во Турција.
Бојда со децении се грижи за зачувувањето на националниот идентитет, обичаи и традиции кај Македонците од муслиманска вероисповед насекаде во светот.
– Македонците со исламска вероисповед се значаен дел и нераскинлив дел од македонската нација. Овие Македонци живеат во Македонија, но и во многу други држави. Голем дел од нив живее во областа Гора на Косово, а повеќе десетици илјади како македонско национално малцинство живеат во Албанија. Десетици илјади живеат и во Турција кои се свесни за своето македонско етничко потекло. Верата и нацијата се различни поими и не смеат да се идентификуваат. Националната припадност се добива од раѓањето, додека човек во текот на својот живот по своја волја може да ја промени вероисповедта. Некои Македонци, поради различни причини, им припаѓаат на разни вероисповеди, но тоа не значи дека со промената на вероисповедта си ја промениле и националната припадност. Четириесет години работиме на интеграција на Македонците од муслиманска вероисповед, но има огромен ѕид, бетонски, меѓу Македонците христијани и Македонците муслимани. Ситуацијата дополнително се усложнува со Гораните, кои останаа непризнаени и под влијание на надворешни влијанија, вели Бојда.
Тој говори и за погрешните политики на македонската држава, особено со потпишувањето на договорите со Грција и со Бугарија:
– Се доведовме во ситуација да се раздроби македонското национално ткиво. Бугарија не ја прифатила вистината за македонскиот народ повеќе од еден век, а ние си дадовме за право да правиме национални отстапки за да одиме во ЕУ. Државата секогаш прави отстапки за македонските национални прашања, во 1995 година под притисок на Грција го променивме знамето, надевајќи се дека тука ќе биде крајот, ама не било така. Ако се земе предвид дека не престануваат надворешните притисоци што се насочени против македонските национални особености – јазик, култура, историја, обичаи итн. суштинска е потребата од сплотување на Македонците, без разлика на нивната религија или место на живеење, вели Бојда.
Тој натаму говори за проблемите на Македонците од муслиманска вероисповед во Косово и Албанија и за обидите за нивна бугаризација.
Целото интервју може да го прочитате ТУКА.