Лекарот Михаил Толев на излегување од Кривичниот судот кажа дека Бојан Јовановски – Боки 13 се жалел на болки во стомакот и на вртоглавица. Според лекарот, тоа е последица на стресната ситуација, поради што му дале инекција „дијазепам“. Додаде дека свесно може да може да продолжи да го следи судењето.
Полномошникот на Јордан Камчев рече дека Камчев се приклучува кон обвинението и бара оштета од 1,5 милиони евра.
Судот на почетокот на рочиштето не ги прифати предлозите на одбраната за издвојување на аудио доказите од телефонот на Јордан Камчев и видео материјалите од Боки 13, како и за одржување на подготвително рочиште за подобро запознавање на предложените докази и произнесување на одбраната по нив.
Обвинителката Вилма Рускоска рече дека за ова кривично дело не може да има оштетени, може да има само сведоци во постапката.
Судот го извести полномошникот на Камчев дека во постапката може да присуствува како јавност и дека доколку смета може да поднесе постапки за оштета.
Јовановски во меѓувреме се пожали дека и по инекцијата се уште му е лошо, на што судијката рече дека лекарот од Брза помош констатирал дека тој може да продолжи да го следи судењето.
Судењето продолжува со воведни говори.
Бојан Јовановски рече дека го разбрал обвинението, но оти не се чувствува виновен за двете кривични дела.
Катица Јанева исто така го разбрала обвинението, но не се чувствува виновна.
Зоран Милевски рече дека го разбрал обвинението, доброволно признал и се чувствува виновен.
По изјазнувањето на обвинетите, Судот даде дауза за техничко раздвојување на постапката за обвинетиот кој призна вина.
Првото рочиште за случајот „Рекет“ почна со еден час задоцнување, по што Судот даде 30 минути пауза за консултации, а во меѓувреме доктор да провери здравствена состојба на Боки 13.
На почетокот на судењето претседателката на Судечкиот совет Весна Николовска Масевска рече дека им била доставена медицинска документација од ГОБ „ 8 Септември“ од Јовановски, кој денеска имал здравствени проблеми – повраќал и бил тешко контактибилен. По мислење на затворскиот доктор, тој не е способен да го следи рочиштето.
– Не се чувствувам добро. Имав десет повраќања. Имам исклучителна желба активно да учествувам во судскиот процес. Немам добиено терапија за новата дијагноза што ми е најдена. Едноставно затворскиот доктор констатираше дека не можам да го следам судењето, но јас инсистирав да бидам донесен за да не биде дека одолговлекувам, но не сум во свесна и рационална состојба да го следам судското рочиште, изјави Боки 13, на прашање од судијката како се чувствува сега, рече Јовановски.
Обвинителката Вилма Рускоска, пак, кажа дека според лекарите во ГОБ „8 Септември“, Јовановски е во добра здравствена состојба.
– Јас сум сигурна дека е така. Ниту еден доктор не би ја ризикувал својата лекарска лиценца. Сметам дека ова е само обид за одлговлекување, рече Рускоска
Судот по ова даде 30 минути пауза за консултации, а во меѓувреме ќе повикаат доктор да ја провери неговата здравствена состојба.
Судењето започна со еден час задоцнување почнува судењето за случајот „Рекет“. Во судницата се тројцата обвинети Бојан Јовановски – Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец.
Со полициска придружба Боки 13 беше спроведен во Кривичниот суд од КПУ Затвор Скопје каде што издржува мерка притвор, а од домашен пртивор беа донесени поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец.
Судењето го следат бројни новинарски екипи.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Јовановски, Јанева и Милевски.
Како што соопшти Јавното обвинителство, првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинета Јанева се товари и дека сторило и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.