Конструкција со цел ослободување на Орце Камчев од кривичен прогон за Империја и рушење на СЈО и Катица Јанева, пренесува ТВ Канал 5 делови од денешното рочиште на „Рекет“

Со овие зборови Боки 13 го опиша случајот Рекет во кој е првообвинет за примање награда за противзаконито влијание и перење пари. Во своја одбрана рече дека Милески му се доверил дека со сопругата на Орце, Ана Камчева освен кај странски амбасадори биле и кај екс премиерот Зоран Заев кој им ветил олеснување на положбата на осомничените во Империја, но и дека Заев, како што кажа, лично го манипулирал дека странски обвинител отворил постапка против него.

Јовановски го убедуваше судот дека бил жртва и цел на злоупотреба, а Зоран Милески Кичеец го нарече главен оперативец и провокатор кој го убедувал да влијае кај Јанева за ослободување на Камчев. За снимката која во февруари се појави во италијанскиот Ла Верита, тврди дека е видеомонтажа. Отишол со Кичеец во домот на Камчев, но Луј Витон торбата ја видел на заминување кога неговиот придружник ја земал со себе кај кого и останала.

Обвинителката Вилма Русковска тврди дека има доказ според кој торбата со парите завршиле во домот на родителите на Јовановски.

Иако Јанева го тужи за фотографијата на која се гледа како таа седи во нејзиниот дом а пред неа има снопче со банкноти, Јовановски денеска рече дека случајно ја сликал а парите биле за нејзин мебел. За неа имаше само пофални зборови и пред да застане на пултот за сведочење неколкупати разговараа.

Неговиот адвокат тврди дека обвинението против него не е докажано.

Русковска единствено го праша зошто ако како што кажа работел чесно, бил со блокирана банкарска сметка.

Утре својата одбрана ќе ја даде и екс специјалната обвинителка Катица Јанева, пренесува Канал 5.