Советникот на Белата куќа за национална безбедност Џон Болтон денеска изјави  дека САД сакаат да започнат стратешки разговори со Русија за агресивните акции на Кина. Болтон вели дека кинескиот ракетен потенцијал е, исто така, закана и за Русија, иако „срцевината  на Русија” е далеку од овие ракети. Тој го опиша како „останат од Студената војна”, Договорот за уништување на ракети со среден и краток дострел, потпишан во 1987 година помеѓу САД и тогашниот СССР.

Болтон забележа дека ќе биде од полза ако Русите „престанат да се мешаат во нашите избори“, ако „излезат од Крим и Донбас во Украина“, ако „престанат да користат хемиско оружје, за да извршат обиди за убиства на руски емигранти на Запад“, и, исто така, ако „помалку се натпреваруваат на Блискиот исток“. Според него, таквото однесување на Москва досега го натерало Вашингтон да наложи санкции на физички и правни лица од Русија.

Џон Болтон рече дека во моментов американски официјални лица дебатираат дали да бидат воведени нови санкции заради руското мешање во изборниот процес во САД и анектирањето на Крим, пренесува БТА.

-Ние ќе го направиме тоа што треба да го направиме и што сметаме дека е неопходно, вели тој.

На прашањето дали е можно да бидат воведени санкции на носителите на руските државни обврзници, Болтон вели дека не знае за „некакво санкционирање по прашањето за државниот долг”. Но, тој мисли дека ова може да се случи ако некои финансиски трансакции се предмет на санкции, но тоа нема да важи за самиот долг.

Русија постојано негира дека има какво било врска со мешањето во изборите во САД.