Италијанците кои ќе користат англиски или други странски зборови во формална комуникација може да се соочат со казни и до 100.000 евра стои во новиот предлог-закон што го претстави пратијата на премиерката Џорџија Мелони.

Иако со Законот предвидува забрана за употреба на интернационализми од повеќе јазици, примарниот фокус е на т.н „Англоманија“ или употреба на англиски зборови што во нацрт законот се оценети со зборовите дека го „понижуваат и повредуваат“ италијанскиот јазик, особено зашто, како што се вели, Обединетото Кралство повеќе не е дел од Европската Унија.

Покрај тоа, во предлогот се додава дека секој што има функција во јавната администрација да има усовршено ниво на владеење на јазикот и писмено и усно. Исто така, се забранува и употребата на англискиот јазик и во официјални документи, вклучувајќи и акроними и имиња на работни позиции во странските компании кои се наоѓаат во Италија.

„Тоа не е само мода, затоа што модата поминува, туку англоманијата има реперкусии за целото општество“, пишува во верзијата на законот што ја виделе новинарите на „Си-Ен-Ен“.

Во првиот член на законот се гарантира дека дури и во канцелариите каде работат странци кои не го говорат италијанскиот јазик, тој мора да биде прв и примарен јазик за употреба.

Во вториот член стои дека италијанскиот јазик ќе стане задолжителен за употреба при промоција на јавни добра и услуги на националната територија. Во спротивно, прекршувачите би можеле да се соочат со парични казни од 5.000 до 100.000 евра.