Регионален форум „Од политика до импакт: Унапредување на интегритетот и институционалните реформи во Западен Балкан“ ќе се одржи денеска во организација на Владата на Република Македонија во партнерство со Шведска, Швајцарија, Европската Унија и УНОПС, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

-Форумот ќе ги собере министрите за правда, раководители на антикорупциски институции, претставници на граѓанското општество, медиумите и меѓународните организации од целиот Западен Балкан. Се очекува Форумот да донесе нови заложби, продлабочена координација меѓу земјите од регионот и напредни пристапи во борбата против корупцијата, вклучително и користење на технологија и вештачка интелигенција, соопшти Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење Арбен Фетаи.

Како што е најавено, Форумот ќе опфати четири панел-дискусии посветени на регионалните перспективи и координираната меѓународна поддршка за промоција на доброто владеење; зголемување на отчетноста и преточување на политиките во мерливи резултати; паметно управување, дигитални алатки и вештачка интелигенција во борбата против корупцијата; координација меѓу институциите на отчетност и улогата на граѓанското општество и истражувачкото новинарство.

На крајот од настанот се очекува учесниците да усвојат заедничка Декларација за заложби за интегритет, антикорупциски напори и регионална соработка на Западен Балкан, по што ќе следуваат завршни обраќања.

Во воведниот дел се предвидени обраќања на претседателот на Собранието, Африм Гаши, вицепремиерот задолжен за политики на добро владеење Арбен Фетаи, шефот за соработка во Делегацијата на Европската Унија Штефан Худолин, амбасадорите на Шведска и Швајцарија, Ола Солстром и Кристоф Зомер, и Микела Телатин, директор во Канцеларија на УНОПС за Југоисточна Европа.

Во пресрет на Регионалниот форум,  вицепремиерот Фетаи истакнува дека „интегритетот не е слоган; тој е основата врз која се гради довербата, се открива просперитетот и се обезбедува нашата заедничка европска иднина“

-На Меѓународниот ден против корупцијата, на 9 декември, не одбележуваме само симболичен ден, туку глобален повик за решителна акција против корупцијата која го попречува развојот и владеењето на правото во нашиот регион. Како Влада, ја третираме борбата против корупцијата како трајна државна политика, заснована на мерливи резултати, а не на празни ветувања. Нашите граѓани заслужуваат транспарентни институции, враќање на украденото богатство и дигитални системи кои го прават коруптивното однесување невозможно, се наведува во соопштението од Кабинетот на Фетаи.  

Фото: архива