Иако во медиумите и на социјалните мрежи врие од револт за непотизам, за тендери и други злоупотреби од актуелната власт, тие гласови не допираат до новите антикорупционери, кои денеска се пофалија со нови предмети за старата власт и за некои судии.
Државната комисија за спречување на корупција по сопствена иницијатива на денешната седница одлучи да отвори предмет за злоупотреби и коруптивни дејства на судиите Владимир Панчевски, Јово Вангеловски, Александра Зафировска, Светлана Костова и Софија Лаличиќ.
-По добиени сознанијата од Извештајот на Стејт департментот за човековите права за 2018 година за РСМ за злоупотреби и коруптивни дејства на поединечно наведени судии Комисијата заклучи да изврши проверка на податоците од анкетните листови и изјави за интереси на следните лица: Владимир Панчевски, Јово Вангеловски, Александра Зафировска, Светлана Костова и Софија Лаличиќ, рече на денешната седница претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.
По допрен глас, додаде таа, Комисијата ќе ја испитува имотната состојба и на поранешните министри Миле Јанакиески и Илија Мисајловски и на поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.
Исто така по допрен глас ќе се испитува и судир на интереси за Јордан Тасевски и за Марија Димитровска внука и внук на судијата Владимир Панчевски од Кривичен суд, и за Маја Ристовска, сопруга на поранешниот министер Спиро Ристовски вработена во МАПАС.
Ќе отворат постапка за утврдување на ризици за склучување на коруптивни договори во постапките на јавни набавки при избор на економски оператори за изработка и ревизија на деталните урбанистички планови за Општина Центар.
По службена должност на денешната седница Антикорупциска усвои одлука за отворање предмети за листа на 18 лица кои извршуваат две или повеќе функции во исто време.
Антикорупциската комисија на денешната седма седница ја усвои Годишната програма за работа за 2019 година и акцискиот план со временска рамка и динамика на активности. Согласно Предлогот на Годишниот план за следење на имотната состојба и судир на интереси за 2019 година ќе се изврши проверка на имотната состојба на и на изјавите на: пратеници во Собранието, членови на Владата, членови на Владата во претходниот состав, директори и замнеици директори нас ЈП во државна сопственост и директори на АД во државна сопственост.
Според Годишниот план за вработување во 2019 година предвидено е во Комисијата со цел зајакнување на нејзините капацитети и спроведување на новите и проширени надлежности согласно новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси да се вработат 11 нови лица, а 15 да бидат унапредени. За оваа активност се очекува поддршка од меѓународни донации.
Усвоена е и Предлог-финансиска стратегија за 2020-2022, со која како што се пофалија аниткорупционерите, не се предвидени трошоци за репрезентација и за службени возила, а во принцип се предвидува зголемување на средствата за нови вработувања и за унапредувања на постојните вработени.
Во 2018 година во Комисијата не се реализирани нови вработувања ниту унапредувања поради нејзината нефункционалност.