Поголема површина, нискостеблеста дабова шума и стрништа се зафатени од пожарот што избувна вчера и се уште трае во Липковско, на Скопска Црна Гора, на потегот на село Никуштак до Влајин Гроб.

Екипите на кумановската подружница на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ и вчера и денеска се на терен.

-Пожарот се наоѓа на непристапен терен, воопшто не може да се делува со цистерна. Нашите екипи веќе втор ден се таму, но информирани се и надлежните институции и очекуваме нивна помош, изјави директорот на кумановската подружница, Луан Бајрами.

Големиот пожар е видлив од повисоките делови од Куманово. Пред извесен период, на оваа локација веќе имаше пожар и беше изгаснат.

Кумановските пожарникари речиси катадневно интеревенираат по неколку пати на пожари на отворен простор во Липковско и Кумановско.