Шефот на ЕУ дипломатијата утрово, Јосеп Борел, даде до знаење утрово дека ќе се дискутира за можни санкции против Русија поради затворската казна за Алексеј Навални.
Борел, кој е мета на силни критики во повеќе земји на ЕУ поради неговата посета на Москва пред неколку недели, ќе треба да даде отчет денеска пред министрите за надворешни работи на ЕУ на редовниот Совет кој се одржува денеска.
Пред почетокот на состанокот Борел порача дека е јасно дека “Русија бара судир со ЕУ“.
-Во случајот на господинот Навални има остро одбивање да се почитуваат обврските, вклучително и одбивање да се земат предвид одлуките на Европскиот суд за човекови права. Ќе има важна дискусија помеѓу министрите за надворешни работи за тоа како да се реагира на ова и се надевам дека тоа ќе го сториме на обединет и одлучен начин, изјави Борел.
На дневен ред на министрите за надворешни работи денеска се исто така можните санкции против хунтата во Мјанмар и државниот удар.
Ќе се разговара и за нуклеарниот договор со Иран со надеж дека новата американска администрација на Џо Бајден ќе прифати да се врати во оваа спогодба откако Доналд Трамп ја напушти.
На маса е и репресијата на режимот во Белорусија против опозиционерите најави Борел утрово, како и ситуацијата во Сахел и јужното соседство на ЕУ. Министрите ќе разговараат и за предизвиците во одбраната.