Високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, денеска оцени дека санкциите против Русија се успешни и заедно со политичката, финансиската и поддршката за Украина, носат ефекти и и го отежнуваат на Русија финансирањето на војната, а руската економија ја губи способноста за модернизација.
– Целта на санкциите е да се намали способноста на Путин да ја финансира војната. И да се разбереме, Путин не можеше да продолжи со големата почетна офанзива во Украина и сега е турнат на исток. Но, санкциите не се магичен одговор и нема сами по себе да ја запрат војната. Санкциите се само една од алатките што ги користиме“, изјави Борел во интервју за полската државна агенција ПАП.
Високопоставениот функционер на ЕУ рече дека ОЕЦД предвидува дека наместо раст руската економија ќе забележи пад од 5,6 отсто, дека над илјада меѓународни компании кои претставуваат 40 отсто од рускиот БДП доброволно го ограничуваат своето работење. Станува збор за компании што врзуваат пет милиони работни места.
– ЕУ го намали увозот на руска нафта за 90 отсто, го намаливме увозот на руски гас на рекорден минимум. И да не заборавиме, не воведе санкции само ЕУ. Има 40 земји кои воведоа санкции и тие претставуваат 50 отсто од глобалниот БДП, рече Борел.
Шефот на европската дипломатија повтори дека ЕУ ќе и дава помош на Украина се додека и е потребна, особено со финансирање на дел од основните потреби на населението, бидејќи според проценките направени во соработка со Меѓународниот монетарен фонд, во буџетот на Украина недостигаат три до четири милијарди евра месечно.
– Европската комисија предложи на Украина да и се додели дополнителна помош од 18 милијарди евра за 2023 година, што значи 1,5 милијарди месечно. Земјите-членки го усвоија предлогот, а сега мора да биде усвоен и од Европскиот парламент“, рече Борл.
Во интервјуто тој не исклучува дека Русија може да прибегне кон нуклеарно оружје, но нагласи дека огромното мнозинство од меѓународната заедница нема да дозволи уцени од Русија.
– Очигледно е дека ако некој што непромислено ја прекршува Повелбата на ООН и меѓународното право, ако падне во очај кога работите не се развиваат според неговите идеи, тој нема да се двоуми да се закани дека ќе користи се што има во неговиот арсенал на терор. Но, ние и голем дел од меѓународната заедница многу јасно ја отфрламе неодговорната нуклеарна уцена на Русија, рече Борел.