Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска изјави дека државата Израел го финансирала палестинскиот исламистички Хамас со цел да ја ослабне палестинската власт.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли обвинувањата на неговите противници во Израел и некои светски медиуми дека неговата влада со години активно го охрабрува Хамас во Газа.

-Да, Хамас е финансиран од Владата на Израел за да ја ослабне Палестинската управа, предводена од Фатах, рече Борел во говор на Универзитетот во Ваљадолид, но не навлезе во детали за наводното финансирање, објавија израелските медиуми.

Екстремистичкиот Хамас насилно ја презеде власта во Појасот Газа во 2007 година, победувајќи го Фатах, силите лојални на поумерениот ривал, палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Оттогаш, Палестинската управа на Абас управува само со другата палестинска територија, окупираниот Западен Брег.

САД, заедно со другите земји, се залагаат Палестинската управа да ја вратат контролата врз Газа по завршувањето на војната меѓу Израел и Хамас, но под услов да се реформира.