Земјите од ЕУ треба да работат заедно во надополнувањето на своите воени резерви и за да избегнат меѓусебна конкуренција за време на тековните испораки на оружје за Украина, изјави денеска во Брисел високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Унијата Жозеп Борел, пред состанокот на министрите за одбрана.

Според него, на овој начин ќе се обезбедат поповолни цени, квалитет и ќе се заштеди време.

ЕУ веќе подолго време ги охрабрува земјите-членки да ги здружат силите во купувањето оружје, наместо да ги зголемуваат цените натпреварувајќи се едни против други или поединечно да склучуваат договори со добавувачи надвор од Унијата.

Министрите за надворешни работи и одбрана на ЕУ, на состаноците кои се одржуваат вчера и денеска во Брисел официјално ја започнаа мисијата за воена помош на Унијата за Украина, чија цел е да обучи вкупно околу 15.000 украински војници.

Министрите за одбрана на ЕУ денеска ќе разговараат и за потребата од дополнување на таканаречениот Европски мировен фонд, кој државите од Унијата го користеа за финансирање на набавка на оружје и воена опрема за Киев и кој во голема мера е исцрпен во текот на досега речиси деветмесечната војна во Украина.