Поранешниот шеф на британската дипломатија и некогашен градоначалник на Лондон, Борис Џонсон е главен фаворит за наследник на Тереза Меј за местата лидер на Конзервативната партија и премиер на Велика Британија, покажува анкетата на јавното мислење на агенцијата „ЈуГов“ изработена за потребите на весникот „Тајмс“.

Според резултатите од истражувањето, дури 39 отсто од членовите на Конзервативната партија би сакале Џонсон да биде следен партиски лидер, а зад него е поранешниот британски министер за Брегзит, Доминик Раб со 13 проценти поддршка меѓу членството на конзервативците.

Џонсон вчера најави дека планира да се кандидира за наследник на премиерката Тереза Меј, по нејзиното повлекување од функцијата. – Се разбира, ќе се обидам, изјави Џонсон на бизнис собир во Манчестер, одговарајќи на прашањето дали ќе се кандидира за иден британски премиер.

Меј претходно соопшти дека ќе се повлече од премиерската функција откако „ќе биде обезбедена првата фаза од истапувањето“ на Велика Британија од ЕУ. Но, по најавата дека на почетокот на јуни ќе побара Долниот дом на британскиот Парламент одново да гласа за Договорот за Брегзит, што нејзината Влада го постигна со Брисел, Меј изјави дека ако пратениците и по четврти пат го одбијат документот, таа ќе се повлече од местото лидер на Конзервативната партија.

Повеќе министри во Кабинетот на Меј и истакнати пратеници од редовите на нејзината Конзервативна партија веќе почнаа неофицијална кампања за изборите за нов партиски лидер.