Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека ветувањата на рускиот претседател Владимир Путин на неговиот француски колега Емануел Макрон се добредојден знак дека тој сепак е подготвен да се вклучи во изнаоѓање дипломатско решение за украинската криза.

Според Даунинг стрит, Џонсон разговарал со Макрон по неговиот вчерашен телефонски разговор со Путин и во соопштение се наведува дека британскиот премиер истакнал дека гласот на Украина мора да биде клучен во сите разговори.

– Премиерот истакна дека обврските на претседателот Путин кон претседателот Макрон се добредојден знак дека тој се уште може да биде подготвен да се ангажира во изнаоѓање дипломатско решение. Премиерот истакна дека гласот на Украина мора да биде централен во какви било дискусии, се вели во соопштението на портпаролот на Даунинг стрит.

„Лидерите се согласија за потребата и Русија и Украина во целост да ги исполнат своите обврски од Договорот од Минск. Тие, исто така, ја истакнаа потребата претседателот Путин да се повлече од своите сегашни закани и да ги повлече војниците од границата со Украина“, се вели во соопштението на Даунинг стрит.