Нулта миграција во моментов на нашата граница. Ништо не се разликува од пред една, две, три години. Бугарските граѓани да бидат уверени дека нашите морнари и граничари се на своите позиции, изјави денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов за ситуацијата со мигрантите од Турција.
Тој тврди дека не постои закана за Бугарија од нов миграциски бран, јави БГНЕС.
Борисов истакна дека вчера министерот за внатрешни работи ја посетил бугарско-турската граница, а денеска вицепремиерот и министер за одбрана ќе изврши увид со хеликоптер на подрачјето над грчката граница, затоа што токму таму е главната тензија во моментов.
– Не постои нормална личност која може насилно да дејствува против жени и деца, рече Борисов.
Тој потенцира дека хуманитарната криза во критичните области во Сирија во моментов е тешка.
– Речиси еден милион луѓе, семејства како нас, деца, немаат вода, нема храна, времето е студено и поради тоа бегаат, додаде бугарскиот премиер.
Тој потсети дека вчера имал телефонски разговори со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со грчките и хрватските премиери – Кирјакос Мицотакис и Андреј Пленковиќ, двапати разговарал со министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу и двапати со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Борисов потенцираше дека Бугарија одлучила да ја поддржи Турција во НАТО и оти била една од најревносните во тоа барање.
– Но, ние ја сакаме и нашата сосетка Грција и сакаме да им помогнеме на секој можен начин. Јас не сум овластен да зборувам во име на ЕК, но огромни суми пари во моментов се пренасочуваат кон Црвената полумесечина за да се справат со хуманитарната криза, објасни Борисов.
Тој уште откри дека се подготвува голема средба во Бугарија на која ќе се разговара за состојбата во регионот. – В понеделник ќе одам со Ердоган да ги преговарам неговите услови за долгорочно се реши овој процес – и со враќање на мигрантите, и со непријателствата во Сирија, и со оваа хуманитарна криза и со интервенцијата на НАТО, вели Борисов. Тој истакна дека следната недела сè мора да се направи многу брзо, најдоцна до среда-четврток, за да се обезбеди Турција со потребните ресурси за да може повторно да се грижи за бегалците.