Како Бугарин и фудбалски навивач, најостро го осудувам исвиркувањето на бугарската химна на почетокот на натпреварот Бугарија – РСМ, објави поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, за синоќешниот фудбалски натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Бугарија.
Борисов во објавата на неговиот профил на Фејсбук ги бодри бугарските фудбалери со порака „напред јунаци Бугари“.
– Респект до момците од бугарската фудбалска репрезентација! Вака се брани достоинството на нашата нација! Како Бугарин и фудбалски навивач, најостро го осудувам исвиркувањето на бугарската химна на почетокот од натпреварот Бугарија – РСМ. За жал, со вакви постапки нашите соседи од РС Македонија не покажуваат дека ги разбираат европските вредности. Само напред јунаци Бугари, напиша Борисов.
На синоќешниот натпревар во Скопје беше и македонскиот премиер Димитар Ковачевски со сопартијците Петре Шилегов и Милан Зечевиќ. Шилегов во неговата објава на Фејсбук напиша дека навивале за Македонија.