Денеска е лесно, од утре ќе биде тешко, изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов по гласањето во средното училиште „Христо Смирненски“ во софиската населба Банките, на денешните вонредни парламентарни избори во Бугарија, петти во последните две години, пренесе БТА.
-Тешко ќе биде утре и задутре со оваа галопирачка инфлација, цени, огромни долгови, објасни тој.
Борисов кажа дека на денешното изјаснување очекува поголема излезност на гласачите. Но, нагласи дека од тоа што го гледа досега ќе треба многу мудрост од политичарите. Изборите, според него, се единствениот излез од кризата.
Борисов е убеден дека мора да има влада „ако не сакаме како народ да се самоубиеме“.
Според него, катастрофа за државата ќе биде доколку не може да се формира владејачко мнозинство. Затоа, тој е подготвен на компромис, пренесе БТА.
Според лидерот на ГЕРБ, прво мора да се формира силна коалиција. Пред да се формира влада, не може да се разговара за никакви приоритети, додаде тој.
Борисов потврди дека ќе биде пратеник додека се водат преговори за кабинет.