Договорот со Бугарија и Договорот со Грција отворија голема перспектива за Македонија, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина, бугарскиот премиер Бојко Борисов кој учествуваше на Третиот евро-арапски самит што во изминатите два дена се одржа во грчката престолнина.
Борисов порача дека „стискаат палци и ѝ посакуваат успех на Македонија“, а коментирајќи ги последните случувања во регионот во кои нашата земја е протагонист, бугарскиот премиер потенцира дека најважно е да нема мешање.
Секогаш внимавам да не се мешам во работите на која било друга држава, вели Борисов.
– Она што се однесуваше на Бугарија и Македонија – Договорот за добрососедство, и покрај доста силните напади против него, ние покажавме волја и го потпишавме. И тој ја даде таа перспектива да се оди во таа насока. Потоа, за време на европскиот совет во Софија, односно бугарското претседателство со ЕУ, софиската декларација, мислам дека начинот на кој Западот, и САД и Европската унија, поддржаа секаква постапка на нашите лидери, како решенијата што соодветно ги постигнаа властите во Скопје, како во Договорот со Бугарија, така и со Грција, отворија огромна перспектива за вас. Така што, ние, она што зависеше од Бугарија, како добрососедска, најблиска земја за вас го направивме. Стискаме палци и посакуваме успех. Секое друго мешање не е правилно, дури и да го изразам моето мислење, вели Борисов.
Во разговорот, бугарскиот премиер потенцира дека инфраструктурното поврзување меѓу земјите од Балканот е особено важно, и „колку побрзо се поврземе, толку подобро“.
– Тука нема политика, тоа значи поврзаност, тоа значи успех, тоа значи бизнис, тоа значи туризам, културен, религиозен, секаков туризам и најмногу поврзување на Балканот. Сега работиме со Светската банка како и со други финансиски институции, европската банка за обнова и развој, европската инвестициска банка и според мене Софија- Скопје -Тирана како еден проект да почне да се реализира, за веднаш да се направи, објаснува Борисов.
Бугарскиот премиер додаде дека на евро-арапскиот самит во Атина, станало збор и за гасификациското поврзување, меѓу кои и она што се однесува на Балканот.
– Она што го разговараме тука со арапскиот свет и Европската унија, двата тека и преку Грција и преку Бугарија ќе влезат во Македонија, така што и од двете страни ќе стигнува во Македонија и од Грција и од Бугарија и третата кон Белград. Така што тоа е многу добро и за Србија и за Косово, за Црна Гора, Албанија, вели премиерот на Бугарија, Бојко Борисов.