Во Бразил во изминатите 24 часа се регистрирани најголем број новозаразени со коронавирус во последните два месеца.
Бразилското Министерство за здравство соопшти дека се потврдени 80.508 нови случаи на Ковид-19, што е најголем дневен пораст на бројот на инфицирани од 7 јануари. Во изминатото деноноќие починале уште 1.086 пациенти.
Од почетокот на пандемијата во земјата се заразени вкупно 11.019.344 лица, а починале повеќе од 265.000 луѓе.
Одделите за интензивна нега во болниците низ земјата се речиси или целосно полни, а најголемата бразилска држава Сао Пауло од саботата на полноќ воведе двонеделно „заклучување“.