Вчерашната средба на лидерите на 27 земји членки на ЕУ и британската премиерка Тереза Меј за Брегзит не донесе опиплив напредок во преговорите помеѓу двете страни, пет месеци само до крајниот рок за напуштањето на Обединетото Кралство на ЕУ.
Средбата беше најавена како клучна за да се изнајде излез од ќор-сокакот кој се должи главно на проблемот со ирската граница.
Според првичните рокови, Брисел и Лондон требаше до октомври да постигнат договор за Брегзит, но по вчерашната средба решение нема, и ризикот од „хаотичен“ Брегзит без договор е се поизвесен.
Проблемот околу ирската граница е срцето на овие преговори бидејќи од неа зависи интегритетот на европската царинска унија, но и поради тоа ризиците од нови верски тензии помеѓу Католиците и Протестантите на островот.
Европската Унија неодамна понуди како решение Северна Ирска да остане дел од царинската унија одредено време, но овој предлог беше отфрлен од страна на северноирските власти кои во ова решение гледаат де факто одвојување од остатокот на Обединетото Кралство. Британската премиерка тогаш возврати со понуда Британија да остане дел од заедничкиот пазар, но со флексибилен аранжман, што беше отфрлено од страна на ЕУ.
Синоќа премиерката Меј на состанокот настапи со предлог да се продолжи транзициската фаза на останување во ЕУ на Обединетото Кралство на три години наместо 21 месец, но предлогот не добил поддршка од останатите лидери, брифираат дипломати.
Планот беше дека ако се постигне значителен напредок на вчерашната средба, претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, ќе свика нов вонреден самит во ноември посветен на Брегзит.
Дипломатски извори брифираат дека за сега не се планира такво нешто и дека никој не го дели оптимизмот на Тереза Меј.
Состанокот со Меј бил многу кус, помалку од еден час.
– Морам да кажам дека многу од тоа што ни го кажа ни беше веќе познато, немаше потреба од долги дискусии, изјави австрискиот премиер, Себастијан Курц по самитот.