Ракометарите на Металург ќе бараат шанса против Бепикташ да ја остварат првата победа во новата сезона на Лигата на шампиони.
Тимот од Автокоманда се надева дека конечно ќе запише победа во официјален натпревар во новата сезона, откако на гостувањето во Лисабон беше поразен од Спортинг во првата рунда.
Тренерот Данило Брестовац, се надева дека со мудра игра во текот на сите 60.минути, неговите избраници може да стигне до добар резултат, а зошто да не и победа.
„ Конечно сме комплетни, работиме добро. Моите очекувања се дека ќе победиме, ќе се обидеме да пружиме добар натпревар, но не само 30 минути како на претходните натпревари. Имаме и ротација, која ни недостасуваше на претходните дуели. Со помош на публиката, со добра и паметна игра во напад, мислам дека можеме да стигнеме до добар резултат“, изјави денеска Брестовац.
Повратникот во тимот Мартин Велковски, смета дека нема лесен меч во Лигата на шампиони, и дека очекува неизвесен дуел против турскиот тим.
„Нема лесен меч во ЛШ и секој освоен бод е успех. Бешикташ е добра екипа, потребна ни е добра игра во одбраната за да дојдеме до позитивен резултат. Сме играле со нив неколку пати и секогаш натпреварите беа тесни“, изјави Велковски.
Натпреварот меѓу металург и Бешикташ ќе се игра во недела во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 17 часот.