Блаже МИНЕВСКИ
Според британски генерален конзул во Софија, Францис Едмунт Хју Елиот, британски генерален конзул во Софија, „,многумина во Македонија не го сакаат Господ, бидејќи дозволил народот долго да страда од турското угнетување“. Според изјавата на истиот висок раководител на Организацијата, со кој разговарал, и кој признал дека и тој лично не верува во Господ, Македонците „бараат помош од силите кои се блиску, а Господ е многу далеку“.
Македонците „не го сакаат Господ, бидејќи дозволил Македонија долго да страда од турското угнетување“. Многумина велат „ние бараме помош од силите кои се блиску, а Господ е многу далеку“. Ова е дел од извештајот на британскиот генерален конзул во Софија до државниот секретар за надворешни работи на Велика Британија, испратен на 21 јуни 1903 година, кој на мошне илустративен начин ги опишува „македонските состојби“ во времето кога Големите сили низ тајни операции и дипломатски игри ја кроеле судбината на македонскиот народ. Десеттина години подоцна нивната заткулисна игра ќе заврши со крвава поделба на Македонија.
Британците бараат воен суд за македонските војводи и комити!
Според документите, дипломатите на Големите сили се интересирале буквално за се што се случува во Македонија, иако навидум имале многу поважни и позначајни „дипломатски“ ангажмани поврзани со нивните конкретни интереси на Балканот. Се интересирале дури и за тоа каде завршиле парите од „аферата Мис Стон“! Според извештајот од 4 април 1903 година на Џејмс Мекгрегор, британски вицеконзул во Битола, парите добиени од грабнувањето на Мис Стон биле „искористени за купување пет илјади маузер-пушки!“ Во својот таен извештај до Алфред Билиоти, британски генерален конзул во Солун, освен тие пари битолските жени ги давале и „своите ѓердани со златници и другиот накит за да може секоја куќа да има по една пушка“. Во продолжение на извештајот, Мекгрегор соопштува дека од доверливо лице дознал оти секоја ноќ во градот се одржуваат собири, каде што „мажи но и жени вежбаат да ракуваат со пушка и да лекуваат ранети, а оружјето потоа се крие во фурните од каде што жените го префрлале на своите штици за носење леб“. Само десетина дена подоцна, Францис Едмунт Хју Елиот, британски генерален конзул во Софија, до маркизот Ленсдаун, државен секретар за надворешни работи на Велика Британија, испраќа строгодоверлив извештај со прилог-писмо што го добил од американскиот мисионер д-р Кларк, во кој се вели дека македонското население е „огорчено од Русија, која себично сака работите да останат такви какви што се за да може таа да има поголемо влијание и контрола на теренот…“ Според сознанијата што ги собрал мисионерот д-р Кларк, еден од неговите известувачи, човек близок до врвот на Организацијата, „многу разумно зборува за ставот на Англија спрема Македонија и за нејзините напори да оформи влада под чија заштита ќе бидат безбедни животот и имотот на населението“. Во таа насока мошне интересен е извештајот испратен на 29 април 1903 година до државниот секретар Ленсдаун од Алфред Билиоли, британски генерален конзул во Солун, во кој, меѓудругото, се потврдува констатацијата за големата огорченост кон Русија, а истовремено се подвлекува дека „никаде нема таков терор каков што владее сега во Македонија“, констатирајќи дека „Турците не можат да излезат на крај со четите“, па затоа најверојатно ќе треба да се формира „воен суд кој ќе им овозможи на властите да се справат со секој што поседува оружје, муниција или динамит, но судовите мора да бидат надгледувани со цел да се намали ризикот од секаков вид злоупотреба“.
Каква била играта што ја воделе Големите сили меѓусебе, а секогаш на штета на Македонија може да се види и од извештајот на Џорџ Ф. Бонам, британски дипломатски претставник во Белград, испратен исто така до државниот секретар Ленсдаун. Дипломатскиот извештај е направен на шести мај 1903 година: „Денеска водев разговор со рускиот дипломастки претставник, кој ме извести дека добил информација од грофот Ламздорф (министер за надворешни работи на Русија, н.з.), дека неодамнешните настани во Солун немале никакво влијание на претходните договори со Австрија во врска со реформите во Македонија. Тој ги сметаше диверзиите како последно средство на очајната група со цел да предизвикаат репресалии од страна на Портата а потоа интервеција од страна на Големите сили. “Станува збор за познатите „Солунски атентати“ на гемиџиите. Според писмото на Алфред Билиоти, британски генерален конзул во Солун испратено на 16 мај 1903 година до Николас О’Конор, британски амбасадор во Константинопол, „единствениот начин за подобрување на големата криза во Македонија лежи во турските власти, кои треба да преземат соодвентни мерки за уништување на четите, а истовремено мора да казнат, со испраќање во прогон, еден или повеќе влијателни локални личности од секое село што е поврзано со четите“. Британскиот генерален конзул во продолжение оди уште подалеку со својот монструозен предлог, барајќи воведување воена состојба, односно целосна „окупација на сите градови и поголеми села“, а истовремено препорачувајќи да се врбуваат доушници и соработници од христијанското, несловенско население, односно пред се Грци, кои, како доверливи лица, според него, ќе „формираат додатни селски чети и ќе дејствуваат како водачи на трупите во нивните села, општини или во казите“. Значи, еднставно, недипломатски кажано, Британците сметале дека Турците треба да соработуваат со Грците за уништување на Македонците, барем во тој дел на Македонија, односно од Лерин до Серес. Сепак, најстрашно во овој дипломатски извештај звучи крајот во кој британскиот генерален конзул во Солун констатира дека „доколку Турција треба да ја изгуби Македонија, тогаш на идната власт нема да и бидат оставени многу Македонци што ќе треба да ги преземе, бидејќи муслиманите, пред да си заминат, ќе спроведат кравава одмазда врз христијатните“. Во последните пасуси на својот извештај, британскиот генерален конзул во Солун, доставува и список со бројна состојба на турските трупи во Солунскиот и Битолскиот вилает, околу 170 илјади војници, завршувајќи го писмото со тоа дека само „од неделата до средата од Солун се протерани 150 христијани“. Протерувањето на овие лица од градот е затоа што „немаат определено занимање во Солун“. Само десетина дена подоцна, Џорџ Бонам, британски дипломатски претставник во Белград, известува дека, според неколкумина неговите соговорници, „родени Македонци“ што живеат во Белград, како што вели, „системот реформи што го предлагаат Австро-Унгарија и Русија е недоволен“, но, и ако почне да се спроведува, неопоходно е да се назначи „заедничка контрола од страна на Големите сили“ а Велика Британија треба да го искористи тоа за да „воспостави трговска надмоќ“ на Балканот. Во својот извештај Бонам го пренесува и „официјалниот“ став на Србија, кој, во основа, може да се сведи на тоа дека „најсилно противење е изразено за предлогот за Автономна држава Македонија“, но се прифаќа идејата за тоа „земјата да се подели меѓу трите нации што ја имаат окупирано пред турската инвазија, со исклучок на Русија и Австрија, односно Македонија треба да биде поделена меѓу Србија, Бугарија и Грција“. Како што се доближува денот на македонското востние, извештаите што стигнуваат во Форин офисот во Лондон стануваат се побројни, но и похаотични, а притоа главниот проблем на жестокоста на Турција кон христијанското население се лоцира во тајните игри на Русија, која игра дволична игра, како што се вели во некои извештаи, односно од една страна „преку некои свои конзули, како конзулот Ростоковски во Битола, го поттикнува населението на вооружен бунт“ а од друга страна тајно им ги предава на Турците сите информации околу востанието до кои доаѓа преку дипломатско-конзуларните претставништва, но и преку разузнавачките извештаи што ги испраќаат бројните руски агенти на теренот. Впрочем, познато е дека токму руската влада прва го известува султанот дека во Македонија се подговува востание што ќе се активира на Илинден. Според извештајот на британскиот конзул во Софија од 21 јуни 1903 година, а за кој користи разузнавачки податоци од теренот, отворено „се зборува дека времето на востанието е одложено за два месеца, а тоа можеби се должи на потребата да им се даде на селаните време да завршат со жетвата. Сметам дека тие нема да се откажат од востанието или пак да ги прекинат неговите подготовки“. Користејќи ги информациите што ги собрал преку свои сорабоници, истиот дипломат, Францис Едмунт Хју Елиот, известува дека „многумина во Македонија не го сакаат Господ, бидејќи тој дозволил народот долго да страда од турското угнетување“: Според изјавата на истиот висок раководител на Организацијата, кој признал дека и лично не верува во Господ, Македонците „ бараат помош од силите кои се блиску, а Господ е многу далеку“.
„Некои индивидуалци, како британски така и американски, за жал, имаат симпатии кон христијанското население во Македонија!“
На 10 јули 1903 година, значи десетина дена пред да почне востанието , британскиот дипломатски претставник во Виена, Ален Џонсон, (стар календар, н.з.) испраќа строгодоверливо писмо до својот државен секретар на надворешни работи Ленсдаун, во кое меѓудругото вели: „Овдешниот руски амбасадор, гроф Владимир Николаевич Капнист, вчера разговараше со мене за состојбата на Балканот. Амбасадорот ми кажа дека гроф Ламздорф наводно многу остро зборувал со турскиот амбасадор во Санкт Петербург, при што му рекол, дека од извештаите што ги добил од руските конзули на Балканот дознал дека, и покрај негирањето на турските власти, турските трупи вршат големи злосторства на теренот. Доколку таквите акции продолжат, тој (значи, Русија н.з.) нема да биде одговорен за ефектот што тие би го имале со Англија, Франција и Италија, а исто така и врз словенското население во Русија“. Строгодоверливиот извештај од јули завршува со една многу индикативна фраза која всушност е цитат од разговорот со рускиот амабасадор во Виена: „Грофот Капнист рече дека тој верува оти сите влади сакале мир, но некои индивидуалци, како британски, така и американски, за жал, имале симпатии кон христијанското население во Македонија“, спомнувајќи го „грабнувањето на Мис Стон од бандитите“, кои, како што изјавил рускиот амбасадор, „било осмислено од нејзина страна, од страна на Мис Стон, за да им се овозможи на комитетите да го подигнат нејзиниот откуп“. Според рускиот амбасадор, доколку средствата на комитетите се истрошат, работите во Македонија постепено ќе се смират а тогаш Турците ќе бидат принудени да ги продолжат реформите, што ќе значи и продолжување на статус-квото на Балканот. И површната анализа на овој извештај јасно ја маркира политиката на Русија, но и зголемениот интерес на Велика Британија за настаните во Македонија. Притоа, впечаток е дека британските дипломатски претставници сепак понекогаш имале некаков промакедонски став за настаните па можеби и поради тоа доаѓале до податоци од „востанички извори“. Во тој контекст, на 20 јули 1903 година, Џејмс Мекгрегор, британски вицеконул во Битола, до својот претпоставен, генералниот конзул во Солун, испраќа список со имиња на војводи заедно бројот на четниците во четите во Битолската, Охридската, Леринската, Костурската, Прилепската и Кичевската каза. Списокот содржи 40 војводи со бројната состојба на нивните чети, а меѓу нив се и четите на Георги Сугарев со 18 комити, Парашкев Цветков со 40 комити, Христо Узунов со 32, Васил Чакаларов со 35 комити, Јордан Пиперката со 25 комити, Михаил Чаков со 20 комити, Ѓурчин Наумов со 20 комити, итн.
Востаниците купуваат барут и фишеци од турската војска?!
Во полза на заинтересираноста за состојбите во Македонија на британската дипломатска и разузнавачка мрежа зборува и извештајот на Џејмс Мекгрегор од 2 август 1903 година, испратен до неговиот генерален конзул во Солун. Во извештајот меѓудругото се вели: „Следните детали во врска со планот на востаниците ми беа доставени од едно лице што имало можност да разговара со два члена што и припаѓале на четата на Арсов (војводата Славејко Арсов, н.з.), кои сега се наоѓаат во Битола, откако поминале 40 дена обука во четата. Луѓето што се вклучиле во востаничките сили се поделени во десет војнички групи, секоја составена од четири баталјони со по 800 луѓе, со други зборови, секоја група има вкупно 3.200 лица, а вкупната воена сила на востаниците во вилаетот е околу 32.000 војници, сите добро истренирани и вооружени. Се очекува знакот на општо востание да биде даден во првите десет дена од август со експлозии од димамит во Битола, а исто така да бидат фрлени и бомби од извесен број касапи што доброволно се пријавиле за оваа цел. Како додаток на спомнатите детали, имам чест да ве известам дека според информации добиени од веродостоен извор, Сарафов со уште 12-14 лица се наоѓа во Смилево, каде што на 31-ви минатиот месец било однесено и знамето на Битолскиот револуционерен округ. Прилози за револуционерниот фронт, во пари и слично, се собираат речиси отворено од сите класи на населението, дури ни муслиманското население не ризикува да ги издаде собирачите, а полнењето на фишеците ја зголеми трговијата со барут, кој е набавуван и од војниците( ?!) во количество до 12 и 14 оки одеднаш. Еден селанец од Могила ми кажа дека во судирот на 22 мај кај Могила четата на Парашкев Цветков од турски војници купила 200 фишеци за своите мартинки.“ Истиот вецеконзул на 8 агуст до генералниот конзул во Солун испраќа известување дека „два дена пред да избувне востанието во сите села биле испратени специјални агенти, а на 2 август се служеле црковни служби, во кои свечено била објавена револуцијата, а востаничките знамиња биле осветени од свештениците. Востанието е општо проширено во Битола, Ресен, Преспа, Охрид, Кичево, Крушево, Костур, Лерин и Мариово…“
Додека трае востанието, британските дипломати известуваат за случувањата, но својата дипломатска активност како да ја имаат насочено кон тоа што прави и мисли Русија, која во тоа време, според руски извори, секојдневно инсистира кај султанот востанието да биде жестоко задушено. Во тој контекст строгодоверливиот извештај на Франсис Планкет, британски амбасадор во Виена, потврдува дека во рззговорот со гроф Агенор Голуховски, министер за надворешни работи на Австро- Унгарија, добил потврда дека „Русија води двојна политика“, всушност на тоа „постојано се жали европската дипломатија“, но тој, Голуховски, верува дека „императорот и грофот Ламздорф, сепак се чесни и играат со отворени карти“, додавајќи дека меѓу хартиите на убиениот руски конзул во Битола наводно е најден извештај, кој не е испратен, а кој бил порачан од руската влада, во кој се тврди дека „голем број криминални дела биле извршени од востаниците а не од Турците“. Во тоа не верува ниту султанот, а зошто тоа и требало на Русија, може само да се нагодува. За жал, рускиот конзул Ростоковски бил убиен на осми август 1903 година, па никогаш не е разјаснета мистеријата на овој наводен извештај, кој требало да послужи за некаква руска дипломатска маневра или за додворување на Портата. Според Голуховски, имајќи го предвид тој извештај на Ростоковски, Австро-Унгарија не само што не е сигурна за релациите на Русија и Турција туку не е сигурна дека руската влада ќе биде во состојба цврсто да му се спротивстави на секое движење што ќе го преземе руското јавно мислење, кое масовно е наклонето кон христијанското население во Македонија.