Секој треба да носи прекривка за лице кога ќе излезе од дома со цел спречување на ширење на коронавирусот, изјави претседателот на националната академија на науките на Велика Британија „Ројал Сосајати“, професорот Сер Венки Рамакришнан.

Рамакришнан нагласи дека постојат докази оти маската го штити оној што ја носи и другите околу него.

– Велика Британија беше „далеку зад“ многу земји во употребата на маски, рече тој.

Агенцијата за јавно здравство на Англија претходно соопшти дека маски не треба да се носат на отворено.

Постојат мешани чувства меѓу експертите во владината научна советодавна група, САГЕ, околу употребата на маски за лице, јави Би-Би-Си.

Некои укажуваат на докази според кои маските не го забавуваат ширењето на грипот кога се носат во азиските земји и постои загриженост дека тие би можеле да дадат погрешно чувство за безбедност.

Но, постои консензус дека тие можат да го намалат ризикот заразено лице да го пренесе вирусот на некој друг.

Откако Ројал Сосајети објави два извештаи за носење маски, професорот Рамакришнан рече дека јавноста се уште е „скептична“ во врска со придобивките од нив, бидејќи „пораката не е доволно јасна“ и упатствата не биле конзистентни.

Кон крајот на април, само околу 25 проценти од луѓето во Велика Британија носеле маски на лице, наспроти 83,4 отсто во Италија, 65,8 проценти во САД и 63,8 отсто во Шпанија, покажа еден од извештаите.

Неносењето прекривка за лице треба да се смета за „антисоцијално“, исто како и пиење алкохол при возење или неносење безбедносен ремен, рече Рамакришнан.

– Ако не го правите тоа, го зголемувате ризикот за сите, од вработените во националното здравство до вашата баба, истакна тој.