Руската инвазија на Украина е главно запрена на сите фронтови, соопшти денеска британското Министерство за одбрана, повикувајќи се на најнови разузнавачки информации.

Во соопштението се наведува дека руските сили, изминатите денови, претрпеле големи загуби и оствариле минимален напредок на копно, море или на воздух, јавија британски медиуми.

– Украинскиот отпор останува силен и добро координиран. Голем дел од украинската територија, вклучувајќи ги сите поголеми градови, останува во рацете на Украина, се додава во соопштението на британското Министерство.

Клеверли: Обединетото Кралство ќе притиска за задушување на руската воена машина

Британскиот министер за Европа и Северна Америка, Џејмс Клеверли, изјави дека Обединетото Кралство ќе продолжи да врши притисок за „задушување на руската воена машина“, пренесува Си-Ен-Ен.

– Видовме очигледни напади врз цивилна инфраструктура што е спротивно на хуманитарното право, спротивно законите во вооружените судири. Мора да се погрижиме да собереме докази за сите тие случаи, за рускиот режим што ја води оваа целосно незаконска, неоправдана војна во Украина да одговара пред меѓународните судови, рече изутринава Клеверли.

Притоа тој нагласи дека ќе продолжат притисоците за задушување на финансирањето на руската воена машина, со цел што поскоро завршување на војната.