Сметаме дека сите сме членови на семејството на НАТО и во заемен интерес ни е напредокот во процесот за влез во ЕУ. Ние изразивме надеж дека процесот за влез во ЕУ ќе продолжи што е можно побргу и сите билатерални спорови треба да се разрешуваат надвор од процесот на пристапни преговори – нагласи Брнз во вечерашното интервју за Канал 5.

Кога станува збор за влезот во ЕУ ние сме многу разочарани што Бугарија одлучи да го блокира почетокот на преговорите. Во повеќе наврати го кажавме тоа. Сепак, го гледаме како позитивен знак тоа што Северна Македонија и Бугарија продолжуваат да расправаат за билатералните прашања да се стават надвор од процесот со цел напредок во тој поглед. Ние и понатаму ќе се залагаме и ќе даваме поддршка во насока тие прашања да останат настрана од процесот на пристапни преговори, бидејќи тоа ќе овозможи напредок, вели американската амбасадорка, Кејт Брнз.

Таа истакна дека решението на билатералните прашања ќе се постигне со билатерален дијалог.

– Мора на тој начин. И понатаму ќе се залагаме, ќе се бориме и ќе ја поддржуваме Северна Македонија да ги почне преговорите за ЕУ, ќе продолжиме да ја застапуваме билатералните прашања да бидат надвор од преговорите – рече амбасадорката.

Таа оцени дека бугарското вето нанесува штета на повеќе нивоа, меѓу другото, предизвика и сомнеж кај народот во кредибилитетот на ЕУ и нејзината посветеност кон проширување.

– Мислам дека тоа ја отвори вратата за дезинформации. Затоа е важно тоа да не се дозволи. Поважно е да се има на ум дека што и да се случи, најважните односи за земјава се со ЕУ и НАТО и ништо нема да ги замени – посочи Брнз.