Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска оствари средба со амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мaри Брнз, која беше придружувана од ракводителот на канцеларијата на УСАИД, Ерик Јановски.
Како што соопшти владината Прес-служба, амбасадорката Брнз ги поздрави демократско спроведените избори и формирањето на Владата, а воедно упати и честитки до вицепремиерот Битиќи за назначувањето на новата функција.
Битиќи, од своја страна, се заблагодарил за континуираната поддршка од страна на УСАИД, која реализира проекти за поддршка на нашето општество уште од 1993 година, пришто додал дека помошта од УСАИД е добродојдена за реализација на предвидените приоритетни политики кои ќе значат побрз и одржлив економски раст и развој, нула толеранција за корупцијата, како и еднакви права и можности за сите.
– Во разговор за приоритетите и фокусот на работа во овој мандат вицепремиерот зборуваше за Платформата за економски развој, во која ќе учествуваат сите чинители во економскиот живот, како една од алатките која ќе користи за проширување на соработката, отворање на дијалогот и зголемување на довербата помеѓу државата, бизнисот и граѓаните од една страна а ќе служи и како платформа за борба со сивата економија, непотребната бирократија и корупцијата на сите нивоа во државата. Дополнително, тој посочи дека заедно со вицепремиерот задолжен за борба со корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, се започнува со креирање на системски решенија за надминување на овие девијантни појави, кои во голема мера го еродираат системот и спречуваат поголем стапки на раст, се наведува во соопштението.
Амбасадорката Брнз и претставникот на УСАИД Јановски изразиле подготвеност да се подржат клучните реформи кои ќе ги спроведува Владата, потенцирајќи дека сега, како членка на НАТО, соработката помеѓу двете земји дополнително ќе се зајакне.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорката Брнз се согласиле со заеднички ангажман и понатамошна комуникација, да работат посветено на унапредување на меѓусебната економска соработка која ќе оди рака под рака со преговорите за членство со Европската Унија, но пред се за подобар живот на сите граѓани на Македонија.