Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мери Брнз, денеска во Скопје го потпишаа Договорот меѓу двете влади за безбедносните мерки за заштита на класифицирани информации.
Со договорот се регулира начинот на размената на класифицирани информации во областите на надворешните работи, одбраната, безбедноста, владеење на правото, науката, индустријата и технологијата, при што се утврдуваат потребните мерки и процедури за нивна заштита.
-Со денешното потпишување на Договорот за безбедносните мерки за заштита на класифицирани информации ја збогатуваме договорната рамка меѓу С. Македонија и САД, што претставува уште една потврда на извонредните односи и довербата која владее меѓу двете пријателски земји. Како стратешки партнери и НАТО сојузници остануваме посветени на понатамошно јакнење на соработката во насока на постигнување долгорочна стабилност, демократизација и просперитет на земјава и регионот, истакна Османи.
Амбасадорката Брнз порача дека безбедноста зависи од ефективната размена на информации.
-Овој договор ја подобрува таа витална комуникација меѓу САД и С. Македонија. Тоа е уште една пресвртница во зајакнување на соработката како партнери и НАТО сојузници и во работењето кон посигурна, попродуктивна иднина за сите, нагласи Брнз.