Спасувачките екипи и денеска ја продолжуваат потрагата по исчезнатите лица по бродоломот во Гвајана, во кој досега се спасени 67 лица, но властите предупредија дека официјалниот список на патници не е точен, поради што бројот на исчезнатите би можел да биде поголем.
Бродоломот претставува голема трагедија за англискоговорното јужноамериканско крајбрежје, а несреќата се случи во северозападниот дел на земјата, во близина на регионот Есекибо, територија за која право полага Венецуела.
Според владините податоци, спасени се 67 лица – 41 маж, 11 жени и 15 деца, од кои шест момчиња и девет девојчиња. Досега се пронајдени и две жртви – маж и жена.
Министерот за јавни работи, Хуан Еџил, изјави дека властите утврдиле оти списокот со 133 патници и членови на екипажот не ги содржи сите лица што навистина биле на бродот.
„Огорчени сме што утврдивме дека списокот не ја отсликува вистинската состојба. Можно е бројот на исчезнатите да биде поголем од досега проценетите 66 лица“, изјави Еџил, повикувајќи ги семејствата на лицата што биле на бродот да се јават кај надлежните за да се состави точен список.
Премиерот Марк Филипс најави целосна истрага за околностите што довеле до несреќата, почнувајќи од качувањето на патниците на бродот. Тој откри дека двајца членови на екипажот биле позитивни на тест за употреба на канабис.
Еџил посочи дека е можно позитивен тест да имал и капетанот на бродот.
„Имаме нулта толеранција за членови на екипажот кои консумираат алкохол или дрога додека се на должност, а особено ако станува збор за капетанот. Во прашање се човечки животи и ваквите случаи ќе бидат соодветно санкционирани“, рече министерот.
Властите соопштија дека областа на пребарување е проширена од 400 на 1.070 квадратни километри, а во потрагата се вклучиле и локални рибари кои добро го познаваат подрачјето.




