Најмалку седум луѓе загинаа и уште 19 се водат како исчезнати откако потона брод во реката Дунав во Будимпешта, објавија државните медиуми.
Триесет и три луѓе, повеќето туристи од Јужна Кореја, имало на бродот, кој се превртел откако бил удрен од друго пловило синоќа околу 22 часот. Бродот со две палуби „Сирена“ бил наменет за туристички обиколки по Дунав и неговиот максимален капацитет бил 45 луѓе.
Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја потврди дека 19 нивни државјани се водат како исчезнати и објави дека ќе испрати своја делегација во Будимпешта. Меѓу исчезнатите е најмалку едно дете.
Државните медиуми објавија дека остатоците од бродот се лоцирани на дното на Дунав по неколкучасовна потрага.
Како резултат на обилни врнежи во изминатите денови, нивото на Дунав значително се покачи, што довело и до создавање на силни струи.