Брегзит остро се чувствува на британските универзитети овој септември, со огромен пад на запишани студенти од ЕУ што многу скапо ќе ги чини многу од престижните академски институции во таа држава.
Според бројките обезбедени од службата за прием на универзитети и колеџи, вкупниот број студенти од ЕУ што се запишале на британските универзитети оваа есен е 11.700, што е помалку од 27.750 лани.
Иако пандемијата на коронавирусот неизбежно имаше влијание врз бројот на странски студенти, не постои сомнеж меѓу академиците дека главната причина за падот се последиците од брегзит, што вклучуваат значително повисоки школарини и многу повеќе бирократија.
Пред една година беше многу едноставно за граѓаните на ЕУ да студираат во Британија поради постоење договор.
Меѓутоа, Велика Британија се повлече од програмата за размена на ЕУ, Еразмус, а студентите од ЕУ сега треба да аплицираат за виза за студирање во Британија, што е скапо, одзема многу време и е долг процес.
Друга пречка е што Велика Британија сега ги класифицира студентите од ЕУ како студенти од странство. Додека државјаните на ЕУ во Англија претходно плаќаа иста сума како и британските студенти, или максимум 9.250 фунти (12.825 долари) за школарина годишно, оние што ќе се запишат оваа година ќе треба да платат двојно повеќе од таа сума, а во некои случаи и повеќе од тројно.