Бројот на загинати во пожарот во северна Калифорнија се зголеми на 83 жртви, а во исто време поројни дождови се закануваат да предизвикаат поплави што би можеле да ги отежнат напори на спасувачите кои трагаат по исчезнати и жртви во огнената стихија која избувна пред две недели.

Шерифот на округот Бјут, Кори Хонеа рече дека повеќе од 560 лица се водат како исчезнати, и оти во пожарот загинале уште две лица, со што бројот на настрадани се зголемил на 83.

Поради дождот кој почна да врне во областа Парадајс која беше опустошена во пожарот, расте загриженоста од потенцијални свлечишта и други проблеми.

За викендов се очекува да паднат меѓу 102 и 152 милиметри дожд на квадратен метар.