Бројот на жртвите од земјотресот со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала што во саботата го погоди Хаити се искачи на 1.941, а повеќе од 9.900 лица се повредени, соопшти Агенцијата за цивилна заштита на Карибите.
Повеќе од 60.000 домови се уништени, 76.000 се оштетени, а многу јавни згради исто така се уништени од земјотресот во саботата, наведе Агенцијата.
Илјадници луѓе кои останаа без покрив над главата во катастрофата беа непријатно изненадени од тропската бура Грејс, која донесе поплави во оваа карипска држава.
Американскиот национален центар за урагани предупреди на молњи и урбани поплави и можни свлечишта.
Земјата е благодарна за помошта од странство – вклучувајќи специјализирани тимови за пребарување од САД, како и 15,4 тони храна, лекови и вода од Мексико.