46-годишен кавадарчанец доби една година затворска казна откако призна дека со својот автомобил удрил полицаец во обид да избегне легитимирање.

​Настанот кој ја вознемири јавноста доби судска разрешница за помалку од една недела. Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинение, а Судот веднаш пресуди.

​Инцидентот се случил на 21 декември по полноќ, кога обвинетиот, управувајќи автомобил „фолксваген“, одбил да застане на полициски знак. Ситуацијата ескалирала на една од градските крстосници кога полицијата успеала да го опколи со две возила. Наместо да се предаде, возачот решил да се пресмета. Во моментот кога полицаецот излегол да го легитимира, обвинетиот додал гас и се залетал директно кон него.

Полицаецот бил удрен во стомакот и левата нога, здобивајќи се со телесни повреди. Возилото на насилникот удрило и во полицискиот автомобил, по што тој продолжил да вози и побегнал.

​Бегалецот бил лишен од слобода четири дена подоцна, на 25 декември. Веќе следниот ден бил изведен пред суд каде што го признал делото „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.

​Судот во Кавадарци го прогласи за виновен и му изрече казна затвор од една година.